Хаос кај Дебарско Езеро: Се замавале со секири, кршеле шофершајбни

Пет лица синоќа се степале покрај Дебарско Езеро при што едниот од нив се здобил со полесни повреди.

-Околу 23:45 часот, кај месноста „Удово" покрај Дебарското Езеро, нарушен е јавниот ред и мир со физички напад од страна на лицата Д.Д., А.К и А.К. врз Г.С. и неговиот брат Е.С. сите од Штип. Во тепачката, од страна на лицето А.К. употребена е дрвена рачка од секира со која се нанесени повреди врз Е.С., како и оштетување на предната шофершајбна од патничко моторно возило „Даеву" со штипски регистарски ознаки, изјави Стефан Димоски портпарол на Секторот за внатрешни работи од Охрид.

Според него, повредениот Е.С. е пренесен во Општата болница во Дебар од каде, по укажана медицинска помош е пуштен на домашно лекување. Учесниците во нарушувањето на јавниот ред и мир се приведени во Полициската станица од општа надлежност во Дебар, по што ќе биде поднесена соодветна пријава.

Кај месноста „Удово" покрај брегот на езерото лоцирани се поголем број кафулиња, каде биле и лицата од Штип, кои најверојатно под дејство на алкохол се скарале и дошло до физички напад.

Поврзани

Најнови вести

Коментари