Вечер тема

Тајните на швајцарските банки

Oд сите важни финансиски институции во светот, а ги има навистина многу, само швајцарските банки со векови останале како мит во колективното паметење. Дискреција, тајност, врвна дипломатија и никогаш неизмерено богатство. Секоја моќ во светот, богатство, политика, шпионажа или воен профит низ тие векови имал последна дестинација - некоја од банките во Швајцарија. Од финансирањето на француските кралеви и ширењето на протестантската реформација, до нацистичкото злато и тајните сметки на милиони богати анонимни богати луѓе...

Ова е приказна и отварање на тајните за малата алпска земја во срцето на Европа, банкарски рај и финансиски замок кој трае седум векови, адреса и сон на секој кој тргнал во освојување моќ и богатство. Особено ако се работи за силна моќ и големо богатство, Швајцарсија и тамошните банки се крајната цел за стекнатото да се сочува далеку од очите на останатиот свет.

Кога станува збор за безбедноста на швајцарските банки, не се работи само за банкарска тајна, туку и за ликвидноста на овие институции. Имено, швајцарските банки имаат големи капитални средства поддржани од стабилна национална валута, а државата гарантираат враќање на сите депозити во случај на банкрот на банката.

Постојат различни видови банки во Швајцарија. Од вкупно околу 400, две се најголеми банки: УБС и Швајцарската кредит група, кои заедно сочинуваат повеќе од 50% од швајцарски банкарски капитал.

Првиот тип на банка е комерцијалните банки, како што знаеме во повеќето земји. Станува збор за стандардни кредитни, заштеди и консултантски услуги.

Друг тип банки, како што често се гледа во филмовите, се приватните банки. Ова се банки кои се дизајнирани за многу богати клиенти и нудат специјализирани услуги. Овие услуги вклучуваат дискреција на трансакција и на располагање цел тим финансиски експерти за потреби на нивните богати клиенти. За да отворите сметка во таква банка неопходно е да располагате со голем износ на пари, вообичаено сметка се отвара со минимум 100.000 швајцарски франци.

Исто така постојат и регионални банки кои се фокусираат на пазарите на еден регион. Ова им овозможува да станат дел од бизнисот и финансискиот свет на одреден регион, и да се создадат посебна врска со локалното население и бизнис центри. Швајцарија има 26 кантони, во кои има 24 кантонски банки кои се во целосна или мнозинска сопственост на кантонот. Тие датираат од 19 век, и претставуваат една третина од швајцарскиот банкарски капитал.

Во швајцарските банки постојат и различни видови сметки. Најпознатите меѓу нив, кои често ги гледаме во филмовите, се криптираните или заспани сметки.

Оваа шифрирана сметка содржи наместо корисничко име и презиме, серија броеви или кодови, а идентитетот на сопственикот е познат само на неколку високи извршни директори во банката. Значи, популарното верување дека постојат целосно тајни швајцарски сметки е мит. Секогаш мора да има некој менаџер кој го знае идентитетот на корисникот на шифрираната сметка. Годишното одржување на шифрирана сметка се плаќа, и почнува од 1.000- до 2.000 швајцарски франци па нагоре. Освен во Швајцарија, тајни сметки постојат и во Австрија, Луксембург и Лихтенштајн.

При префрлање пари од тајните безимени сметки во швајцарските банки на некоја друга сметка во странство, нема податоци за испраќачот туку само негов код на сметката. Заради ова постојат банки, и држави, кои не дозволуваат вакви трансфери во кои не се знае идентитетот на испраќачот на парите. Во повеќето случаи овие и вакви трансфери се прифатливи.

Историја на швајцарските банкари

Швајцарското банкарство е резултат на седум века долг процес кој е комбинација на одредени историски, политички, верски и економски околности. Се наоѓа во срцето на Европа, опкружени со големите сили, и со природно вградена склоност кон ред, штедење и работливост како и контрола на важни алпски премини... ги имаа потребните предуслови Швајцарија да стане важен економски и трговски центар уште во текот на средниот век.

Првите швајцарските банкари се забележани уште во 13-от век, со доаѓањето на богатите еврејски и италијански трговци во оваа алпска држава. За време на ренесансата, односно од почетокот на 15-тиот век почнале да се организират саеми во Женева и во други градови, кои привлекуваат богати трговци и финансиски експерти пречекувани од вештите, дискретни и добро обучени швајцарски банкари. Во 16 век се случува реформацијата, предводена од Калвин во Женева и Цвингли во Цирих, Швајцарија станува делумно протестантска земја со што се создадени услови за промет на пари, кредити и позајмици, пракса која била остро осудена од страна на Ватикан и Католичката црква. За среќа, во Швајцарија живееле протестанти врз кои Ватикан немал власт.

Швајцарските банки голем дел од својата слава должат на вештите дипломати. Швајцарија има вековен статус на неутралност, настрана од големите уништувачки средновековни војни, што создавало безбедна политичка и бизнис-клима, како и стабилна инфраструктура која не била со векови погодена од војните. Имено, Швајцарија била во последна војната во 1515 година. Доживеала голем пораз од француските трупи во битката кај Marignana, во близина на денешен Милано, по што одлучиле да тргнат по патот на неутралност. Оваа неутралност била накратко прекината во 1789 година, кога војниците на Наполеон ја нападнале Швајцарија  пет години потоа ќе стане Република.

Конечно, во 1815 година, со договор за мир во Париз, по последниот пораз на Наполеон, Швајцарија ја потврди својата политичка неутралност, овој пат признаена и од страна на големите сили во Европа.

Како се создавани швајцарските банкарски тајни

Една од основните карактеристики на швајцарските банки е дискреција. Односот помеѓу швајцарската тајна сметка и банката е сличен на оној помеѓу пациентот и докторот или верникот и свештеникот за време на исповед. Тоа е гарантирано и со закон. Во Швајцарија  државниот обвинител има право да покрене кривична постапка доколку некоја банка открие информации за сметките на своите клиенти. Како дошло до ова правило, до овој закон за гаранција на дискрецијата?

Швајцарското банкарство почнало да ја прифаќа денешната форма уште во 18 век. Во тоа време меѓу најважните клиенти биле богатите европски благородници, па и француското кралско семејство. Овој вид соработка наметнал апсолутна дискреција и развиен кодот на молчење, или забраната за откривање на банкарски податоци на трети лица, кој се уште е во сила.

Во 1713 година Советот на банкарите во Женева, законодавно тело формирано уште во 1457 година, решило да ја регулираа оваа област. Било одлучено дека секој банкар мора да има писмен регистар на сите клиенти и нивните финансиски активности, но во исто време мора да ги чува доверливо, како врвна тајна. Овие податоци смееле, и денес е така, да се откријат само по барање и одлука на Советот. Со ова, практично, банкарите во Швајцарија делуваат паралелно и самостојно во однос на севкупниот швајцарски правен и финансиски систем.

Првите неколку века прекршувањето на овој Закон на банкарскиот Совет било сметано за прекршок со значителна финансиска казна, но со доаѓањето на нацистите на власт во Германија и Италија, работите се промениле: Законот за банкарска тајна станал кривично дело за кое банкарот може да оди во затвор.

Имено, германскиот закон предвидувал смртна казна за секој граѓанин на Третиот рајх кој имал паричен капитал во странство. Бидејќи во тоа време германските институции за прогон Gestapo и Sicherheitdienst успевале да имаат увид во швајцарските банкарски сметки на германски државјани, меѓу кои имало и голем број Евреи, во Германија се затворени или стрелани многу луѓе поради нивните сметки во швајцарски банки. Поради ова, било одлучено дека Законот за банкарска дискреција треба да се заостри, и во 1934 година е донесен нов швајцарски Закон за банките според кој во член 47 за откривањето на банкарска сметка и детали од неа банкарот се казнува со затвор и казна за службеникот од 50.000 швајцарски франци. Тој закон и денес е во сила. 

Но, има и исклучоци, а даночното затајување не е криминал во Швајцарија

Спротивно на раширеното верување, швајцарскиот закон за тајност на банкарските податоците не е универзален и сеопфатен. Постојат ситуации и околности кога банките се принудени да обезбедат и предадат податоци за своите клиенти.

Еден таков случај е кога има силни индиции или докази дека сопственикот на швајцарски сметки се вклучени во сериозни криминални активности, како што се тероризам, трговијата со оружје или знчителен обем на криминал со перење пари.

Исто така судот може да бара да се заобиколи законот за доверливост на банкарски податоци, на пр. кога правни наследници на сопствениците на тајна сметка бараат остварување на нивните права. Истото важи и за наплата на долгови и финансиски гаранции

И конечно, швајцарските банки се должни да соработуваат со други држави во согласност со сојузните закони и меѓународните договори потпишани од Швајцарија. Еден таков федерален закон беше донесен во 1983 година, со кој се уредува меѓународната заедничка правна соработка во сферата на кривичните дела. Швајцарската меѓународна соработка со други земји се базира на одредени принципи, вклучувајќи го и принципот на швајцарско признавње кривични дела доколку лице сторило криминал во друга држава а има сметка во Швајцарија - ќе се применува санкција и во Швајцарија само доколку во швајцарските закони тоа деле е кривично дело.

Според швајцарскиот закон даночното затајување е прекршок, а не кривично дело. Неподнесувањето даночни податоци тие го сметаат за пропуст, а не криминал. Доколку лице од странство има сметка во Швајцарија, а во друга држава го гонат за даночно затајување, во тој случај швајцарските банки нема да ги дадат неговите банкови податоци. За Швајцарија криминал, односно кривично дело, е само доколку лицето при пријавување данок поднело фалсификувани докумнети.

 Единствени исклучоци се билатералните договори за размена на даночни информации кои Швајцарија ги има потпишано со други земји како што се Австралија или Европската унија и САД. Во овие случаи, само во одредени околности, може да има размена на финансиски информации и судско гонење на странски државјани во земјите-домаќини за даночно затајување. Имено, по серијата скандали поврзани со даночно затајување преку швајцарските банки, властите во Цирих одлучиле под притисок да ратификуваат билатерални договори со многу земји со кои е регулирана размена на финансиски податоци.

Но и под тие силни меѓународни притисоци и обиди за укинување на банкарска тајна, во 1984 година на референдум 73% од швајцарското население се спротивстави на иницијативата, и ја сочува легендарната банкарска тајна барем во најголем број случаи.

Се проценува дека швајцарските банки имаат на своите сметки износ од 2 трилиони евра (2.000 милијарди евра) што повеќе од пари кои ги има на банкарски сметки во било која друга земја. Иако билатералните договори ја ослабаа банкарската тајност, таа останува во сила за многу земји од Третиот свет како Русија, Кина, арапските држави, Индија, Јапонија, Јужна Америка... со кои Швајцарија не ја ратификувала таквата соработка. Банкарскиот сектор е суштински дел на швајцарската економија, а затоа е разбирлив отпорот на банките и јавноста против укинувањето на законската забрана за објавување на банкарските податоци на клиентите

За нацистичкото злато

Гледано историски, нацистите несомнено извршиле најголем грабеж на злато во историјата на светот. Тоа злато, при распад на нацистичкиот систем, било обебзбедување за нивната елита и некаде морало безбедно да се чува. Се проценува дека нацистите ограбиле повеќе 19 милијарди долари (сметано на тогашната вредност) во злато од 15 европски државни банки, особено од холандски, француски и белгиски централни банки. Кон оваа бројка се додава и украденото злато од жртвите да нацизмот како компании, приватни сметки и приватни лица.

За компарација и сознание за колкави вредности се работи, да спомене дека по Втората светска војна САД и дале кредит на Велика Британија од 3,5 милијарди долари за санација на штетите од војната и оживување на севкупната британска економија. САД имале пари за ваква операција, само во германскиот рудник за сол Меркерс, американската војска пронашла нацистичко злато во вредност од околу 2,5 миларди долари.

Според податоци објавени од страна на американскиот дипломат Стјуарт Ејзенштат нацистите на приватни сметки во Швајцарија имале околу 4 милијарди долари во злато. По војната, во 1946 година, победничката сојузничка страна формирала Трипартитна комисја за пронаоѓање на ова злато и создавање систем на евиденција и враќање на сопствениците. Швајцарија имала и проблем со воените победници заради соработка со нацистичките лидери и власт, но проблемот е решен така што Швајцарија и платила на Трипартитната комисија тогашни 58 милиони долари во злато за да биде поштедена од истрага и обвиненија. Швајцарската дипломатија уште еднаш извојувала победа.

Скандали

Специфичните карактеристики на швајцарското банкарство, вклучувајќи ги и шифрираните сметки, довеле до многу контроверзни настани. Имено, швајцарските банки постојано се наоѓаат во скандали поради криминални активности во кои биле вклучени.

Освен за соработка со нацистите, еден од најпознатите скандал е оној поврзан со информаторот Кристофер Меили. Во јануари 1997 година, Меили бил студент кој работел како ноќен чувар во УБС, една од двете најголеми швајцарски банки со седиште во Цирих. Една вечер открил дека службениците на банката уништувале стари документи од Втората светска војна. Бидејќи Швајцарија е земја со строги закони за приватност на банките, тој знаел дека уништувањето на тајните сметки е нелегално. За потврда на сомневањата тој украл некои од овие регистри и ги предадал на локалната еврејска заедница, а докумнетите подоцна завршиле во рацете на полицијата и новинарите.

Скандалот што избувна имаше невидени размери. Констатирано е дека УБС уништиле тајни нацистичка сметки и банкарски сметки на Евреите убиени за време на Холокаустот, чии наследници потоа не можеле да најдат податоци за златото и парите на сметките. Покрај тоа, банкарските претставници ги уништиле и финансиските извештаи и сметки на големите германски компании што работеле за време на војната и Рајхсбанк, централната банка на нацистичка Германија.

Но, Швајцарија не му го простила ова откритие на студентот, ноќен чувар Меили од УБС Банка кој со своето откритие го загрозил нивниот банкарски систем и престиж. Бил гонет. Бегајќи од прогонството на швајцарските власти кои го обвиниле за кршење на законот за тајност на банки, Меили побегнал во Америка. Тој и неговото семејство се сметаат за единствени Швајцарци на кои им бил даден азил во САД. 

Во 2007 година американскиот банкар Бредли Биркенфелд, кој исто така работел за УБС, одлучи да ги пријави на американските власти илегалните активности на таа банка. Имено, работел како инвестициски менаџер и бил вмешан во нелегални активности што им овозможиле на богатите Американци да избегнат плаќање даноци. Врз основа на податоците доставени од страна на Министерството за правда на САД, УБС плати глоба во износ од 780 милиони американски долари, и ги даде сите информации во врска со американските граѓани вклучени во даночно затајување.

Следната 2008-ма година, компјутерскиот инженер Ерве Фалчиани кој работел за Британската инвестициона банка ХСБЦ открил дека оваа банка преку нејзината швајцарска подружница дозволила тајни лажни сметки на илјадници клиенти во даночни раеви. По собирањето докази тој избегал во Франција и ги предал на државните даночни органи.

Група странски новинари во февруари 2015 ги тие објави податоци кои Фелчиани ги предал на француските власти, со што ХСБЦ беше осомничена за перење пари и помагање при затајување данок во износ од 120 милијарди долари за многу странски државјани. Истата година, швајцарските власти го осудија Фалчијани на пет години затвор, најдолга казна за кражба на банкарски податоци. Имено, Фалчијани беше осуден за економска шпионажа, кражба на податоци и прекршување на законот за банкарство. 

Швајцарсите имаат прилично хуман и либералисен систем кој толерира и простува многу нешта, но оддавањето на тајни на нивниот банкарски систем - не се простува никогаш   (vecer.mk)

 

 

 

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари