По три децении демократија, сведоци сме на демографска катастрофа без преседан што ги погоди земјите на Источна Европа, по пропаста на комунистичкиот систем и крајот на Студената војна.

Веднаш по падот на Берлинскиот ѕид, во ноември 1989 година, следуваше масовен егзодус на населението од Источна Германија, Полска и Унгарија во западноевропските земји. Граѓаните на овие држави тргнаа кон Запад во потрага по поголеми примања, процес што трае до денес и со кој се опфатени сите поранешни земји на социјалистичкиот табор. Како резултат на новото „населување на народите“ на просторите на Западна и Северна Европа, загубите на луѓе во Источна Европа се значително поголеми од загубите во двете светски војни.

Во изминатите 30 години, Романија изгуби 14 отсто од населението, Молдавија 16,9 отсто, Украина 18 отсто, Босна и Херцеговина 19,9 отсто, Бугарија и Литванија 20,8 отсто, Летонија 25,3 отсто од населението.

Емиграцијата виновник број 1

Депопулацијата ги зафати и источните подрачја на Германија (поранешна ДДР), кои во буквална смисла на зборот се испразнија. Своевиден исклучок направи Чешка, која ги зачува главните „придобивки на социјализмот“ во облик на социјална поткрепа на населението, бесплатен медицински систем, помош на мајките итн. Депопулацијата на Источна Европа тесно е поврзана со транзицијата и периодот на „див капитализам“, забрзани „структурни реформи“, чие спроведување го бараа западните ментори, по што следува колапс на социјалниот и медицинскиот систем, нагло зголемување на смртноста, особено кај мажите, а паралелно со тоа и пад на наталитетот.

Меѓутоа, главниот удар на демографијата ѝ го зададе емиграцијата на населението, особено на најмладата, активна и квалификувана група. Така, во „татковината“ остануваат децата, пензионерите и лицата неспособни за активно барање работа во странство. И сево ова наспроти фактот дека во 40 повоени години во источноевропските земји дојде до бавен но постепен пораст на населението.

Според ОН, сите десет најзагрозени земји во светот се наоѓаат токму во Источна Европа. Тоа се Бугарија, Романија, Полска, Унгарија, балтичките републики и сите држави од поранешна Југославија, како и Молдавија и Украина. Според прогнозите на демографите, до 2050 година населението на тие земји дополнително ќе се намали за уште 15-23 отсто.

Тоа значи дека бројот на жителите во Бугарија ќе се намали од седум на пет милиони, во Летонија од два на 1,5 милион. Убиствената комбинација на трите фактори – низок наталитет, висока смртност и масовно иселување, е причина за толку масовно иселување. Но додека западноевропските земји настојуваат да го надоместат падот на наталитетот со нови бранови емигранти, источноевропските земји категорично одбиваат да прифатат свежа крв, а ова прашање доби вонредна политичка сила.

Одливот на мозоци, долгорочна и ненадоместлива штета

Во меѓувреме, Источна Европа продолжува да ги губи своите златни кадри – најдобрите стручњаци и младите луѓе. Само Унгарија, од влегувањето во ЕУ во 2004 година, ја напуштија 5.000 лекари, главно помлади од 40 години. На земјата ѝ недостигаат и инженери и технички стручњаци, кои исто така заминаа во Австрија, Германија и во други земји на Западна Европа. Стотици илјади медицински сестри, столари, бравари и квалификувани работници се преселија од Полска, Романија, Србија и од Словачка на Запад.

Во Романија иселувањето на населението се смета за национална катастрофа. Населението на оваа земја во посткомунистичкиот период е намалено од 23 на 20 милиони луѓе. Се разбира, луѓето се иселуваат во потрага по поголема, пристојна заработка.

Меѓутоа, преносот на работна сила од Исток на Запад беше не само спонтан, туку и систематски ограбувачки. Многубројните германски и британски предаторски фирми („ловци на глави“), во голем број, веднаш по влегувањето на овие земји во ЕУ, почнаа да навлегуваат на нивниот пазар на трудот целејќи на стручњаците. Од почетокот на деведесеттите малата Босна и Херцеговина изгуби 150.000 луѓе, Србија околу половина милион. Меѓутоа, најзначаен одлив на населението е забележан во Литванија – над 300.000 луѓе од 3 милиони жители ја напуштија земјата.

Украина – најтрагичен пример на демографскиот егзодус

Но најтрагични последици од посткомунистичкиот слом доживеа Украина – некогаш една од најразвиените републики на СССР. На почетокот на деведесеттите Украина имаше 52 милиони жители, а сега таа бројка не надминува 42 милиони. Според прогнозите на Киевскиот институт за демографија, до 2050 година Украина ќе има помалку од 32 милиони.

Тоа значи дека Украина е држава што најбргу умира во Европа, а веројатно и во светот. Според последните анкети, 35 отсто од Украинците се изјаснија како подготвени да се иселат. Процесот се забрза откако Украина доби безвизен режим со ЕУ: околу 100.000 луѓе месечно ја напуштаат земјата.

Во Украина во најекстремен облик се совпаднаа трите фактори – пад на наталитетот, зголемена стапка на смртност (двојно поголема од стапката на наталитет) и масовно иселување на населението. Демографите ја споредуваат соодветната динамика во Франција и во Украина. Додека пред 1989 година стапките на пораст на населението во двете држави беа споредливи, во наредниот период бројот на жителите на Франција е зголемен за 9 милиони луѓе, а Украина го изгуби истиот број луѓе.

Стручњаците веруваат дека демографската криза во Источна Европа не може да продолжи во недоглед. Системите на социјална помош и здравствена грижа не можат да функционираат во услови во кои мнозинството население го чинат пензионери и деца – во еден момент неизбежно ќе дојде до урнисување на државноста.

Но не би требало да се занесуваме ниту со Западна Европа, простор на кој стапката на наталитет е исклучително ниска. Додека развиениот дел на континентот привремено имаше корист од човечките ресурси од Источна Европа, многу побрзиот прилив на мигранти од Блискиот Исток и од Африка неизбежно ја смени социокултурната слика на западноевропските земји, каде што веќе се создаваат етнички и верски судири. Во прилог на тоа оди и споредбата на стапката на плодност – 1,6 дете кај Французинка, 3,4 деца или повеќе кај жените од подрачјето на Блискиот Исток и на Африка. Детските градинки во Франција (2019) три четвртини се пополнети од претставници на националните малцинства, што упатува дека во иднина земјата ја очекуваат големи социокултурни промени.

Постои ли излез од ваквата ситуација?

Може ли да се поттикне пораст на стапката на наталитет меѓу Европејците? Демографите се сигурни дека тоа не е можно ниту во Западна, ниту во Источна Европа. Навистина, од различни причини. На запад на континентот, стандардот на потрошувачката е толку висок што секое ново дете го урива тој стандард, додека во Источна Европа дејствуваат други механизми: сиромаштијата, немањето шанси и распадот на семејните односи, го чинат непожелно раѓањето деца.

Во меѓувреме, уделот на Европејците во светскиот демографски биланс постојано се смалува. Ако во 1900 година Европа сочинуваше 25 отсто од светското население, сега е тоа околу 10 отсто. Истовремено, според процените на ОН, бројот на жителите на Африка на југот на Сахара ќе биде 2,5 милијарди до 2050 година, а до крајот на векот 4,4 милијарди, односно повеќе од целокупното население на планетата во 1980 година. Тоа значи дека Европа ќе ја надвладеат нови миграциски бранови, наспроти сиот отпор.

(Од анализата на д-р Јадранка Половиќ („Геополитика њуз“) „Демократија и демографија“)

Најчитани вести