Јас веќе твој јазик во моја уста, не ставам.
Зошто?
Зашто тоа е француски бакнеж.
Па?
Бојкотирам француски
производи.

Тогаш не ставај во уста помфрит. Тоа ти е френч фрајз. Зошто мојот јазик да страда?
Тебе ти е ова смешно, а?
Така си зборуваме со Шарената. Ќе ја викам така… Шарената. Одвреме-навреме си се „лапаме“. Кога таа не се евроинтегрира, или вреска за климатските промени, или мечтае за импичмент на Доналд Трамп. Така најчесто го минува времето. Затоа ретко се гледаме. Сега е лута, разочарана и депримирана.
Не ми е смешно. Јас имам повеќе причини да се нервирам.
Ти имаш причини?

А-ха, сериозни причини. Очекував Нобелова за мир. Очекував датум за датум за датум што Унијата сама на себе треба да си го додели, зашто „Северџанистан“ е нивни проект. И на длабоката држава, секако. Ми требаа за крајот на мојот роман. Политичката гротеска мораше да биде совршена. И сега нема „нобел“, нема датум. Тоа е моето, нема правда, нема мир.

Ха, ха, многу смешно. Вие небањатите сега си имате причина за сеир. Ама не сакате да ѝ погледнете на вистината во очи. За време на режимот, Грција нè блокираше поради името. Сега го нема тоа. Сега само Франција ни стави вето. Кое не е поради нас. Требало да се поправи методологијата. Значи е поради нив. Јасно е дека сме напреднати. Ама ете, мора Унијата да се поправи. Оти ние сме големи. Нели така кажа Макрон? Ама никогаш нема да си признаете.

Интересна теза. Особено ако си шарено теле пред ЕУ-врата. Или теле пред шарена ЕУ-врата. Интересно е како правите замена на тези. Посебно кога би споредувале со времето на Груевски. Е, владата на тој Груевски, пред да започне специјалната војна на меѓународната заедница против Македонија, за бришење на македонскиот идентитет преку име, јазик и историја, каде што учествуваше и Европската Унија, значи пред да почне таа војна официјално на 27.4.2014 година, добиваше исклучиво позитивни извештаи од Брисел. По тие извештаи Европскиот парламент и Советот на министри за надворешни работи на ЕУ, даваа зелено светло за датум за почеток на преговори, кој беше одбиван во последниот чин на Самитот, односно од шефовите на држави-членки на Унијата. Тогаш, како единствена причина беше наведувано ветото од Грција. И со почетокот на специјалната војна беше истата приказна сè до последниот извештај, кога го условија со фер избори и не знам што. Сега нештата сосема се испревртија. Нема вето од Грција. Македонија обезличена. Ама нема ни датум. Франција рече „не“.

Зошто е тоа така? Секако нема експлицитно да кажат дека власта во Македонија е катастрофална. Тоа ќе значи самите себеси да се посипат со пепел. Затоа што се расфрлаа со пофалби за Владата во чие октроирање учествуваа. И што добија за возврат? Рекет на највисоко можно ниво, партизирано судство за политички терор врз неистомисленици чии пресуди како гнили плодови паѓаат низ европските судски системи, злоупотреба на европското знаменце за насилно носење закони спротивни на европските стандарди и да не набројувам уште, зашто и ова е премногу за да се свари.
Е да бе! И на Макрон сево ова сега му текна.

А-ха, веројатно требаше да се слуша по телефон со секој од нас поединечно за да ни каже каде е проблемот. Тоа што неговиот амбасадор тука седумнаесет пати ни кажа дека сме катастрофа, корумпирани, заложници на неколку фамилии, со укината демократија, а еден куп забранети уметнички дела, сето тоа не се важи, не ви се слушаше, не беше за по медиуми, бидејќи изгледа од онолку блескање се ослепува.
Да, ама, сите други потврдија дека сме на прав пат, освен суетен француски претседател…

…И нека ми прости ЛГБТИ-заедницата, еден обичен педер.
Каков педер?
Случајно залутан во колумнава. Ќе ти шепне дека најпаметно е да баталиш политика и да почнеш да го бакнуваш колумнистот.
Нема шанси. Устата моментално ми е полна со клетви за Макрон. Мора да се спуштат телефоните за Европската Унија. Време е да си го активираме планот Б.
Кој план Б?
Па ако треба и кон Русија да се свртиме.
Русија е зафатена. Франција се сврте кон неа, па сигурно нема да баталат француски пазар за да се занимаваат со оние што толку гадости измислуваа за нив.
Ако не Русија, тогаш Кина.
Зафатено. Вчера Меркел изјави дека во периодов што следува Германија ќе се посвети на односите со Кина.
Е па, што да правиме?

Не очајувај. Денес кога ја пишуваме колумнава, петок е. Има барем теоретски шанси Макрон да се смилува и да добиеме датум.
Ти звучиш како да сакаш да добиеме датум.
Во овој случај, да. Од себични причини. Сакам политичката гротеска да биде заокружена. Сами на себе да си дадат датум. Да потврдат дека за нив единствена реформа е идентитетскиот геноцид врз Македонците. Да се самонаградат зашто учествуваа во потпишување неуставен нацистички договор, зашто беа дел од референдумска кампања што Владата не смееше да ја води, зашто кимаа со глава за време на таа кампања кога власта лажеше за бесплатно здравство низ Унијата и слични придобивки што не постојат, зашто го прогласија за успешен референдумот што народот го бојкотираше, зашто ја погазија референдумската волја на тој народ вршејќи нужда врз сопствените вредности, зашто го покажаа својот варваризам барајќи балкански методи врз пратеници за обезбедување двотретинско мнозинство. Е затоа сакам датум, оти тоа ќе биде датум за рекет, датум за политички прогони, датум за антиевропски закони, датум за цензура. А сега, давај јазикот, ваму!
Нема шанси, ти реков. Бојкотирам француски бакнеж. Ако сакаш може веднаш да прејдеме на тајландска масажа.

Најчитани вести