Со речиси 80 милиони евра Европската инвестициска банка (ЕИБ) ќе влезе во финансирањето пречистителна станица за отпадни води во Скопје.

Од овие средства, речиси 10 милиони ќе бидат грант-средства од ЕИБ, информираат од Министерството за финансии.

Со овој проект ќе се изгради и операционализира станица за третман на отпадни води, која ќе опслужува над 650.000 жители од град Скопје.

Финансирањето на овој инфраструктурен проект, како и неколку други идни проекти, беа дискутирани на средбата помеѓу делегацијата предводена од министерката за финансии, Нина Ангеловска, и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и потпретседателот на ЕИБ, Ендру Мекдауел, за време на годишните средби на групацијата Светска банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кои се одржуваат во Вашингтон.

Министерката за финансии истакна дека ЕИБ е посветен партнер во развојот на земјата, со тековно инвестициско портфолио од 185 милиони евра во јавниот сектор. Таа посочи дека ЕИБ инвестира во проекти што го забрзуваат економскиот раст во земјата преку поддршка на секторот мали и средни претпријатија, но и инвестирање во крупни инфраструктурни проекти.

Вкупната вредност на проектот за изградба на пречистителна станица во Скопје е 136 милиони евра, од кои остатокот ќе се обезбедат од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Се очекува договорите со меѓународните финансиски институции за финансирање пречистителна станица за отпадни води во Скопје да се потпишат до крајот на годината.

На состанокот се зборувало и за одобрување дополнителни 50 милиони евра за проектот за водоснабдување и одведување отпадни води во општините во Република Северна Македонија како резултат на успешно спроведување на тековниот проект, чија вредност е 50 милиони евра.

извор: Makfax

Најчитани вести