Албанската државната полиција објави дека вратени се сто државјани на Албанија во Тирана од три земји членки на Европската Унија, затоа што ги прекршиле правилата за престој во земјите на ЕУ.

– Во акцијата која е реализирана во соработка со Фронтекс вратени се 100 албански државјани, од кои 43 од Франција, петмина од Белгија и 52 од Германија. Станува збор за лица за кои е донесена одлука да ја напуштат француската, белгиската и германската територија, поради кршење на правилата за движење во шенген зоната, се наведува во соопштението.

Минатиот месец 104 албански државјани беа вратени во нивната татковина со два чартер-лета од Франција и Германија во рамките на заедничкиот европски проект, кој го реализираа Франција, Белгија и Германија во соработка со Фронтекс и со поддршка на албанска придружба.

Од вкупниот број албански државјани, од Франција беа вратени 15, од Белгија пет и од Германија 84.

Според извештајот на државната полиција, уште една операција на доброволно враќање граѓани кои побарале азил или ги прекршиле правилата за престој во шенгенскиот простор е завршена во соработка со Франција, Белгија и Германија.

Директорот на Одделот за граница и миграција при Државната полиција, Едуарт Меркај рече дека во изминатите пет месеци бројот на летови со депортирани албански граѓани, се зголемил не само со Франција, туку и со многу други земји на ЕУ.

Најчитани вести