За Северна Македонија и Албанија ништо не е одлучено, само е одложена дискусијата, рече бугарскиот премиер Бојко Борисов пред новинарите во Брисел откако синоќа не беше постигнат консензус меѓу лидерите на ЕУ за да започнат пристапни преговори со двете земји.

Тој рече дека се во прашање соседските договори, Договорот од Преспа, реформските напори на Албанија.

„Факт е дека не се договоривме да има писмена одлука. Нашата поддршка отсекогаш ја имале, двете комисии сега можат да завршат сè што е потребно за 6-7 месеци, рече Борисов.

На прашањето дали случајот со Северна Македонија е како бугарското пристапување во Шенген, бугарскиот премиер рече дека е лесно да се нападнат 2-3 земји, но огромното мнозинство на земји се „За“ Бугарија во Шенген.

Борисов рече дека не сака да зборува во име на Франција зошто ги блокира Северна Македонија и Албанија.

„Никој не вели не, но сакаат сè да биде максимално добро исполнето. Го советував Заев да не си даде оставка, има уште многу да се направи“, рече Борисов.

„Ако во Северна Македонија има партии и сили кои сакаат да се вратат назад, тоа е исто така голем проблем“, рече Борисов, објави 24часа.бг.

Најчитани вести