Еврокомесарот Јоханес Хан, длабоко ни се извини за недобивањето на датумот за пристапување кон Европската унија. Сосема е очигледно дека истото ќе го сторат и останатите гарантори на непринципиелната мотивациска група кои мошне суверено ја поддржуваа власта во процесите на деноминирањето на македонската национална држава.

Повторно е јасно дека Европската комисија не може да си допушти во својот организам, едно малигно ткиво кое нема никаков иницијален капацитет за било какви реформи, ниту способност да се зафати со решавањето на длабоката општествено-економска криза во која е Република Македонија. 

Лажните ветувања и огромната самоувереност на претставниците на власта, уште еднаш го покажаа „грдото лице“ на нивната безидејна политичка тактика. Во таа смисла, нема никаква извесност дека вината за ова понижување ја носат повторно истите сеачи на магла кои без никакви скрупули толку невешто се обидуваат одговорноста да ја префрлат на плеќите на Франција, одејќи дотаму што во овој сет според нивната шизофрена логика, одговорноста за истото е секако најповеќе кај опозицијата, која никако, замислете, никако, не сака да ја увиди значајноста и визијата на нашиот просветлен премиер и неговата распашана дружина.

Она што доболува, онака длабоко во душата е фактот што на сите нас ни е јасно, а чинам и ним, иако тоа го занемаруваат и го девалвираат како небитно, што правилата за пристапување кон Европа и воопшто правилата на игра се одамна познати и истите не влегувале никогаш во рамките на непринципиелните и непроверени методи на дејствување.

За нештата навистина да станат појасни, она што одлучува во оваа смисла, не е дали ќе го смениме името или дали ќе направиме некаков билатерален договор, ами дали имаме институционален капацитет за суштински реформи и дали сме излегле од ерата на поданичкиот османски менталитет, каде кадија те тужи, кадија те суди и каде законите се само мртво слово на хартија, а корупцијата и криминалот се главната одлика на највисоките структури на извршната власт!

Ова, почитувани е вредносниот систем преку кој државите членки на Европската унија ја носат одлуката дали сме подготвени или не за добивање на датум за почеток на преговори за пристапување кон унијата.

Од тие причини, секако дека денес, малку повеќе од вчера, сите оние кои веруваа во прикаските на ненародната власт, е нормално да се чуствуваат поразени, можеби и згрозени од манипулациите и од бескрупулозните лаги на апологетите на смртта на македонизмот, а сите ние веќе од утре ќе бидеме приморани да се соочиме со неминовниот факт дека овој пекол и ова понижување мора да биде завршено со итно распишување на предвремени парламентарни избори. Ова е навистина крајот за сите злодела и за целата оваа антидржавна и недемократска политика на манипулации која ја спроведоа претставниците на власта која по ниеден барометар не ги исполни ни минималните очекувања на македонскиот народ и воопшто на македонските граѓани!

Иванка Василевска, Универзитетски професор (16 октомври 2019) 

 

Најчитани вести