Германија е најзначaјниот трговски партнер на Република Сeвeрна Македонија. Само во првите седум месеци од годинава земјата во СР Германија извезла стоки во вредност 1,8 милијарди евра, што е покачување за 22 проценти во однос на лани, додека вкупната трговска размена пораснала за 18 отсто.

За 1,3 милијарди евра извезуваме повеќе стоки во Германија отколку што увезуваме, односно нашата земја остварува трговски суфицит.

На првата официјална средба помеѓу министерката за финансии Нина Ангеловска и амбасадорот на СР Германија Томас Герберих беше нагласен растечкиот тренд на трговската соработка, како и континуираната поддршка што оваа пријателска земја и ја дава на Република Северна Македонија, особено во нашата цел да станеме член на Европската Унија.

На средбата помеѓу министерката и амбасадорот беше зборувано и за билатералната соработка со Германија. Во рамки на билатералната соработка, Германија има инвестирано 368 милиони евра во нашата земја преку КфВ развојната банка. Во рамки на оваа соработка реализирани се бројни проекти, а во моментот во имплементација се: втората фаза од Ветерeн парк Богданци, Топлификација Битола, втора фаза на проектот Наводнување на Jужната долина на реката Вардар фаза 2.

Исто така, во рамки на соработката со КфВ развојната банка во тек е подготовката на Проектот за реконструкција на студентските домови во земјава, за што е ангажиран и консултант кој направил структурна и енергетска анализа за реновирање на 9 студентски дома, соопштија од Министерстото за финансии.

И од министерката за финансии и од амбасадорот Герберих беше истакнато дека соработката помеѓу двете земји ќе се продлабочи и во иднина, особено на економски план.

извор: Makfax

Најчитани вести