По нуклеарната катастрофа во Чернобил во 1986 година, властите на тогашниот СССР, а подоцна Украина, строго забранија пристап до локациите изложени на радијација за неовластени лица. Сега, нов украински закон ќе им овозможи на туристите да остварат краткорочни посети на местото на најтешката нуклеарна катастрофа во историјата.

Областа околу поранешната нуклеарна централа, наречена чернобилска зона на исклучување, опфаќа 2.589 квадратни километри и на нејзината територија не е дозволено домување, пренесува „Сајнс алерт“.

На туристите кои го посетуваа местото на трагедијата со децении наназад им беше дозволено да посетуваат само напуштени училишни дворови, забавни паркови и училници во близина на нуклеарната централа.

Пристап до злогласениот реактор 4, во кој се случила експлозијата, досега беше дозволуван само за научници, чистачи и мал број новинари.

Според новиот закон, туристите ќе можат да ја посетат контролната соба на реакторот, местото каде биле донесени решенијата кои на крајот доведоа до трагедија.

Бидејќи нивото на радијација во внатрешноста на просторијата е сè уште 40.000 пати повисоко од вообичаеното, посетителите дефинитивно ќе треба да носат заштитни костуми, шлем, маска и индустриски чизми.

Туристичките компании објавија дека по прикажувањето на серијата „Чернобил“ на HBO, која доби дури 10 Еми награди, има голем пораст во интересот за посета на местото на нуклеарна катастрофа која се случи пред повеќе од 30 години.

За само неколку месеци, зоната на исклучување ја посетиле 85.000 туристи, а во јули годинава украинската влада го прогласи Чернобил за официјална туристичка атракција и најави започнување на големи инвестиции за понатамошно развивање на истата.

„Треба да вдахнеме нов живот во овој дел од Украина. Чернобил досега беше негативен дел од туристичкото брендирање на нашата земја. Сега е време да го промениме тоа“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски.

извор: Makfax

0

Најчитани вести