Турското Министерство за одбрана соопшти дека копнените сили денеска продолжиле да напредуваат кон позициите на курдските борци на северот од Сирија.

Во соопштението не се дадени повеќе детали, но министерството сподели снимка од командоси во акција, пренесе агенцијата АП.

Турските трупи и нивните сојузници од редот на сириските бунтовници вчера започнаа офанзива на североистокот од Сирија. Во нападите кои започнаа со бомбардирања од воздух загинаа најмалку 15 цивили, а повредени се над 20, пренесоа локални медиуми.

Во меѓувреме, меѓународната заедница упати осуда за офанзивата, а денеска ќе заседава и Советот за безбедност на ОН.

Во однос на турската офанзива се огласи и шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини, која ја повика Турција да ја прекине едностраната воена акција.

„ЕУ го повторува својот став дека решението за сирискиот конфликт не може да се постигне по воен пат“, истакна Могерини.

Таа смета дека обновените оружени непријателства во североисточниот дел на Сирија дополнително ќе ја поткопаат стабилноста на целиот регион, ќе го влошат страдањето на цивилите и ќе предизвикаат натамошни раселувања.

извор: Makfax

107

Најчитани вести