Скопје само во 2018 година од својот водовод изгубило 13.665 олимписки базени питка вода. Можете да си замислите како би изгледале илјадници базени наредени еден до друг? Ќе изгледаат како езеро, како море, анализира Јане Димески новинар и еколошки активист. Во продолжение следува дел од неговата анализа за реагирај.мк

Од градската управа велат дека летово е суша каква немало подолго време и се штеди на водата. Затоа не се полеваат сите површини. Сега е 2019 година. Да се навикнеме на ова. Во следните години и декади ова ќе биде нормално. Вода ќе има помалку. Климата се менува во светот, па се менува и кај нас.

Што велат нашите научници за промените на климата во Македонија

Според Вториот национален план за климатски промени од 2008 година, средната температура во Македонија ќе се зголеми за 1 степен целзиусов до 2025, за 1.9 степени целзиусови до 2050 и ќе продолжи да се зголемува до 2100 година. Летата ќе бидат уште потопли, а зимите поблаги.  Летата ќе бидат со помалку врнежи. Врнежите низ годината нема да бидат распоредени како што беа до скоро.

На пример, наместо да врне повеќе денови со помал интензитет, се очекува сега количината вода да паѓа одеднаш во поројни дождови, па потоа да има подолг период на суша. Тоа ќе донесе и почести поплави зашто земјата нема да може да ја впие водата. Како поплавата во Стајковци кај Скопје или поројот во Мала Речица и Шипковица на Шар Планина.

Се очекува врнежите да се намалат за 15 проценти до 2050 година и да има помалку вода во сите речни сливови, а особено во брегалничкиот и струмичкиот регион. Достапноста на водата во Македонија може да се намали за 18 проценти до 2100 година, а недостигот на вода ќе биде најизразен во источните делови од земјата. До крајот на векот се очекува и Вардар да се намали за 20 проценти, а и нивото на подземните води во сливот на реката. Сливот на Брегалница ќе претрпи најголеми промени и се проценува дека ќе загуби четвртина од водата до 2100 година.

На пониските планини на кои досега вообичаено имаше снежна покривка, во иднина почесто ќе врне дожд отколку снег. Тоа значи дека водата нема да се задржува на планините како снег и да се топи постепено во пролет, туку наеднаш ќе истекува. Тоа почесто ќе предизвикува ерозија и лизгање на земјиштето. Ќе се губи плодно земјоделско земјиште, во лоши случаи и куќи, а во најлоши и животи.

Фото: Суво корито на реката Вардар. Извор: ako.mk

Први жртви ќе бидат земјоделците и храната

Тука е и големата приказна. Покрај тоа што ние во градовите ќе имаме уште помалку вода за наводнување на зеленилото и бавчите, главната штета ќе биде кај земјоделците и проиводството на храна. И тоа во регионите каде што најмногу се произведува.

Според податоците од последниот попис, во земјава има повеќе од 192 илјади семејни фарми кои учествуваат со околу 16 проценти во БДП на државата. Како што се вели во Третиот национален извештај за климатски промени, земјоделството овозможува вработување на 36 проценти од работоспособното население. Значи илјадници луѓе.

Според Третиот национален план за климатските промени од 2013 година, главни актери кои треба да ги преземат неопходните мерки се општинските водоводни претпријатија. Меѓутоа, официјалните податоци покажуваат нивна целосна неприспособеност на климатските промени.

Во последниот годишен извештај на јавното претпријатие „Водовод и канализација – Скопје“ се вели дека во 2018 година дури една третина од водата во Скопје или 34.158.252 метри кубни вода влегла во цевките и истекла некаде по патот. Во извештајот се потенцира и дека прифатлива загуба во еден водоводен систем е до 20 проценти и дека се` што е над тоа е премногу.

Ако се спореди изгубената вода со количината на вода што ја собира еден стандарден олимписки базен (2.500 метри кубни вода), излегува дека Скопје само во 2018 година од својот водовод изгубило 13.665 олимписки базени питка вода. Значи не станува збор за ненаплатена, украдена вода од диви приклучоци или наводнување на градско зеленило, туку за истечена од цевки, од дупки, од зглобови, од секаде. Можете да си замислите како би изгледале 13.665 базени наредени еден до друг? Како езеро, како море.

Извор: Годишен извештај за работата на ЈП Водовод и канализација Скопје

 

Целата анализа можете да ја прочитате на следниов линк

0

Најчитани вести