Црна Гора и Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) вчера потпишаа договор според кој европските полициски службеници, заедно со црногорските колеги, ќе патролираат по должината на државната граница на Црна Гора, а Европската Унија ќе дава стручна обука и стручна помош за надгледување на границите.

Договорот беше потпишан во Луксембург од страна на министрите за внатрешни работи на Црна Гора, Мевлудин Нухоџиќ и на Финска, која моментно претседава со ЕУ, Марија Охасало, како и европскиот комесар за внатрешни работи и миграција Димитрис Аврамопулос, пренесува РТЦГ. Нухоџиќ рече дека договорот отвора ново поглавје во соработката во областа на граничното управување и борбата против прекуграничниот криминал.

Тој наведува дека со зајакнување на соработката, државите можат да ја постигнат заедничката цел кон која тежнеат, а тоа се безбедни и сигурни граници, „кои треба да останат отворени за слободно движење на луѓе и стоки и, во исто време, да се заштитат од активностите на криминалците“.

Комесарот на ЕУ, Аврамопулос, рече дека договорот е уште еден чекор напред во соработката на партнерите од ЕУ со Западен Балкан.

извор: Makfax

0

Најчитани вести