Холивудската актерка Сара Џесика-Паркер е воодушевена од македонскиот документарен филм „Медена земја“. Таа на својот профил на Инстаграм објави фотографија од филмот и напиша дека „Медена земја“ заслужува номинација за Оскар.

„’Медена земја’ е неверојатна, визуелно зачудувачка, интимна, а, сепак, епска приказна за пчеларката Атиџе Муратова. Жена која нема никогаш да ја заборавам. Има причина зошто овој филм ја добива секоја награда за документарен филм“, пишува Џесика-Паркер.

Таа во постот им честита на филмаџиите Љубомир Стефанов и на Тамара Котевска. „Ви благодарам што ни дозволивте да патуваме со вас во малото село во Република Македонија, ќе ве следам насекаде“, пишува таа.

Таа уште додава дека филмот се прикажува во Њујорк и дека е сигурна дека ќе биде номиниран за Оскар.

извор: Makfax

Најчитани вести