Loading..

Ја гледам Амира Медуњанин, Босанка со сите дарови, како ја пее Ја излези Ѓурѓо во античката арена во Пула во која како млад новинар сум поминал некои од најубавите лета во животот, пред публиката од цела бивша Југославија. И си мислам, има ли некој во публиката од Македонија, има ли некој ако таков има што е од СДСМ и аплаудира ли на оваа песна која за нив не е македонска, вмровска е... Можам да го замислам тој, таму во темнината на публикумот, како се срами од својата земја, од својата песна и чека да помине настанот за да се соземе. Ако Златко Ориѓански бил во публиката сигурно имал тешка тахикардија. Се напил Заевитол, нирвана од еколошките полиња на македонската марихуана.

Што чурук народ бевме да имаме премиер, министри и нивни пајташи кои за својата Македонија изјавуваат мојата земја, мојата татковина... Да се срамат од својата песна Ја излези Ѓурѓо и комитите, од мајката што ги родила, од лебот што ги нахранил и своите од кои се откажале. И за злото да биде целосно, зад нив стојат иљадници кои ги поддржуваат. И после зошто е вака, е па затоа е така.

Затоа ќе ни перат мозок олигарсите Заев и Анѓушев дека фирмите требало да го зголемат платитите со минималец од 16.000 денари, демек тие сакале да помогнат. Ако сакале нека ги зголемат платите во државната администрација со која газдуваат. Го нудат тоа како сладолед зад прозорецот, и им се смејат на наивните од таа страна, сиромашни и желни за надеж па макар и лажна, додека од зад прозорот се обидуваат да го лижат сладоледот зад стаклото. Тоа е убаво да се чуе, да се навлечат наивните. Да го излижат стаклото, а да не го допрат никогаш сладоледот позади џамот.

Ако можело, зошто Заев и Анѓушев не платат минималец од 16.000 денари во своите фирми кои имаат промет од десетици милиони евра годишно. Во Брако на Анѓушев просечна плата е бедни 276 евра, скоро половина од државниот просек за плати, додека Анѓушев само во Брако пријавил добивка за една година од милион и 140.000 евра... плус ќар од другите фирми што ги има. Исто е и кај Заеви. Нивните Мерцедеси, Бентлија, куќи во Грција, одмори на егзотични острови... се платени од добивката после бедните плати на неговите вработени. И згора на тоа го презираат сопствениот народ кому ни името Македонија не смеат да му го изговорат. Лажат. Секоја нивна изјава станува лажна вест.

Архивата на лажни вести од македонската влада се собира, сортира и ќе им биде предадена бела книга со опис и попис на лажните вести. Вистинските, како оние кои ги објави новинарот Александар Митевски од сведочењата за Рекет се гонат од обвинителството на Заев. Како не им текна да ја гонат нивната телевизија Телма кога сред истрага за немирите во Собарние објави СМС пораки од Трајко Вељановски, дел од истражните материјали. Но, Телма е нивна и тоа е тоа.

Ја излези Ѓурѓо, ја излези сестро, да ги видиш Ѓурѓо комитите...

А лагите се нижат. Чекаме да видиме колку е цената да се спаси Заев од фактурата на Зоран Верушевски, човекот кој повеќе од пет години ги собирал незаконски прислушкуваните телефонски разговори против владата на Груевски но, и други лица, и му ги предал на Зоран Заев за со таа артилерија да стане власт без победа на избори, и без легално гласање во Собрание.

Сега и со судска изјава од клучен сведок заверена знаеме дека некој надвор од МВР пет годни порачувал незаконски снимки од луѓе во полицијата, ги собирал и ги предал на СДСМ за нивни политички потреби. Се потоа е веќе познато.

Кој читал редовно Понеделнички на овој портал причитал дека сум напишал: кога Заев ќе почне да паѓа Бранко Црвенковски ќе биде тој што ќе го бутне, а Зоран Верушевски ќе биде извршителот. Премногу се и паметни и итри за него за да ги шета по керамиди, и да ги држи под клуч додека тој се забавува. Дојде тој ден.  Зоран Верушевски, кардиналот Ришеље на македонската полиција излезе и во официјална судска изјава кажа дека разговорите кои му ги дал на Заев не се тие што ги слушаме, дека се страотно модифицирани. Старотно, баш така, менувани. И потоа со нив такви луѓе се гонети, јавно понижувани и судени. За Заев да биде власт. Без победа на избори, без гласање во собрание.

Заев, од Америка, објаснува дека Верушевски не мислел така, на идното рочиште ќе кажел нешто друго. Заев знае што ќе каже Верушевски, откако ќе исплати износ кој му е ветен на Верушевски за предавање на разговорите, а не му е платен на време. По исплатата, ќе го каже тоа што му треба на Заев. А Заев зема лесно, но плаќа тешко. Не ги платил ни експертите од Белград за организација на Шарената му револуција па кога му затребаа, летово, мораше да ги преплати но, со државни пари. Демократијата ескалира, а Фондот за иновации брефта од работа.

Заев, од Америка, изјавува дека никој од судените со страотно модифицираните разговори не поркнувал, не негирал нивна автентичност! Лага е тоа. Сме барале отфрлање на разговорите затоа што според закон за секој доказ, каков и да е тој, пред суд мора да се има и оригинал кој СЈО го нема. Баравме вештачење од експерти, СЈО бараше по 1.000 евра за секој вештачен разговор, пари кои скоро никој од судените не може да ги плати кога на судење му се натураат по 100-200 разговори... за што треба 100-200.000 евра само за нивното вештачење.

Заев не е само лош политичар. Тој е и лош човек кој, откако изврши преземање власт без победа и егзекуција на противниците потоа ужива во страдањето на тие кои насилно ги потчинил. Како што Берија уживал во маките на фамилиите чии татковци ги праќал во Сибир. Не му е доволна украдената власт, сатисфакција му се понижувањата на жртвите што се без закон гонети, навредувајќи ги дека е се како што треба штом не се жалеле за тоа. Како што им се потсмева на прелажаните што го лижат стаклото зад кое им покажува салодолед. Тоа животот и судбината не го простуваат. Спас од кошмарот нема ни во исповедите кај нашиот заеднички пријател. Тој не е семоќен.

Ја излези Ѓурѓо, ја излези сестро, да ги видиш Ѓурѓо комитите...

Како одат Ѓурѓо, како одат сестро,
како одат Ѓурѓо ред поред друг.
Ред поред друг Ѓурѓо, девет реда.

Напред оди Ѓурѓо, напред оди сестро,
Напред оди Ѓурѓо Војводата...

 

(30 септември 2019)

Најчитани вести