Алоцирање на средствата онаму каде што ќе има најголема ефикасност и каде што може да се постигнат поголеми економски ефекти, е целта на предложениот ребаланс на Буџетот, што од денеска е на дневен ред на матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет.

Министерката за финансии Нина Ангеловска, на која ова и е прв значаен документ што го елаборира пред пратениците, рече дека со него се обезбедува распределба на поголем дел од јавните приходи кај граѓаните, директно вложување во потребите и потенцијалите на луѓето и силна финансиска поддршка за бизнисот за отворање нови работни места и исплати на повисоки плати во приватниот сектор и за сите работници.

-Од овој ребаланс за граѓаните обезбедуваме поддршка за поголеми плати за вработените во приватниот сектор, поголеми плати за вработените во јавната администрација, повеќе средства за поддршка на активните мерки за вработување за невработените граѓани, и конечно, за нешто помалку од три месеци првпат на граѓаните ќе им бидат вратени првите пари преку проектот МојДДВ. А ова не е единствената придобивка од овој проект, зашто преку МојДДВ граѓаните директно ја помагаат борбата за намалување на сивата економија, истакна Ангеловска.

Таа додде дека поставените цели за 2019 година целосно се насочени во функција на постигнување на клучните приоритети на општеството: повисоки стапки на раст на економијата, зголемување на продуктивното вработување, подигнување на животниот стандард на населението, постигнување на повисоко ниво на социјална правда и интензивирање на интеграциските процеси за ЕУ и НАТО.

Потсети дека од  1 септември стапи во сила новото покачување од пет отсто на платите во јавната администрација, во здравството, образованието, градинките,  полицијата, културата, одбраната и во другите дејности во јавната администрација.

– Ова значи дека на сите досегашни покачувања, од 1 септември следува уште едно покачување на платите во јавниот сектор за пет отсто, кое што секако ќе се плати почетокот на октомври, рече Ангеловска.

Со ребалансот, вкупните приходи се планирани на ниво од 210,5 милијарди денари, додека вкупните расходи се утврдени на износ од 228,3 милијарди денари. Дефицитот останува непроменет во однос на
планираниот со Буџетот, односно позициониран во износ од 17,7 милијарди денари, односно 2,5 отсто од БДП.

Министерката посочи дека ревидирањето се однесува на реалокација на средства помеѓу буџетските корисници, намалување на одредени позиции кај капиталните расходи на буџетските корисници кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација, особено кај проекти финансирани со странски кредитни линии, ревидирање на приходите кои буџетските корисници ги остваруваат на сопствените сметки, намалување на каматните расходи за 924 милиони денари.

Со ребалансот се обезбедени 99 милиони денари за непречено функционирање на новоформираната Агенција за национална безбедност, дополнителни 560 милиони денари, а во првата половина на годината со реалокации се обезбедени уште 355 милиони денари како директна поддршка во земјоделството и справување со болеста африканска чума кај свињите, 183 милиони денари за Колекторски систем за заштита на Охридското Езеро, за исполнување на препораките од УНЕСКО, дополнителни 244 милиони денари за правосудниот систем, односно судството и обвинителството, со цел јакнење на финансиската состојба и решавање на прашањето поврзано со исплатата на надоместоците на вработените во овој ресор, 200 милиони денари зголемување на државната помош во Фондот за иновации и Агенција за странски инвестиции и поттикнување на извозот, алоцирање на средства за откуп на акции за целосна државна сопственост на ГА- МА, 300 милиони денари за поврат на дел од данокот на додадена вредност кон физичките лица.

Предвидени се дополнителни 200 милиони денари за активни политики и мерки како поддршка на вработувањето, во кои е вклучена и новата мерка за поддршка на младите во производството, субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата во износ од 400 милиони денари. Целта на оваа мерка, вели Ангеловска, е да се стимулира зголемување на платите на вработените во приватниот сектор преку финансиска поддршка за работодавачите кои ќе извршат зголемување на платата на вработените до 100 евра.

Со ребалансот има повеќе средства за набавка на лекови за ретки болести и инсулин во износ од 193 милиони денари, како и алоцирање на дополнителни средства во износ од 660 милиони денари во Фондот за здравствено осигурување со цел непречено остварување на право на здравствена заштита и боледувања. Потоа  поголем трансфер на Фондот за пензиско и здравствено осигурување од 815 милиони денари кон пензиските друштва од вториот пензиски столб, согласно месечните исплати за бројот на осигуреници, што, како што рече министерката, во суштина го потврдува и трендот за зголемување на вработеноста.

Осврнувајќи се извршувањето на Буџетот во првите осум месеци од 2019 година, рече дека вкупните приходи се реализирани во износ од 130,3 милијарди денари што претставува 61,8 отсто во однос на планираните за 2019 година и претставува пораст за 7,2 отсто во однос на истиот период од лани. Даночните приходи и социјални придонеси изнесуваат 115,7 милијарди денари, односно учествуваат со 88,8 отсто во вкупните приходи. Даночните приходи во овој период се остварени на ниво од 75,7 милијарди денари, односно бележат реализација од 62,1 отсто во однос на планот за 2019 година, додека во однос на истиот период лани има подобрена реализација за 1,8 отсто. Најголемо учество има данокот на додадена вредност со 44 отсто. Приходите од социјални придонеси се остварени во износ од 40 милијарди денари, што претставува 64,2 отсто во однос на годишно планираниот износ, односно за 9,4 проценти повисоки од реализацијата во минатата година.

Вкупните расходи на Буџетот на Република Северна Македонија во периодот осумте месеци од годината се реализираа во износ од 139,4 милијарди денари, што претставува 60,9 отсто во однос на годишно планираниот износ, односно раст од 8,5 отсто однос на истиот период од минатата година. Притоа, тековните расходи изнесуваа 132 милијарди денари или 65,2 отсто во однос на годишниот план, односно раст од 7,5 проценти во однос на тој период од минатата година.

Во текот на 2019 година редовно се сервисираа обврските на државата по основ на исполнување на правата за загарантирана социјална заштита на населението за чија намена се реализираа 6,2 милијарди денари. Капиталните расходи во периодот јануари-август 2019 година се реализираа во износ од 7,3 милијарди денари или 28,2 отсто во однос на годишно планираниот буџет. Остварениот дефицит е 9 милијарди денари или 1,3 отсто од проектираниот БДП за 2019 година.

Министерката Ангеловска посочи дека државниот долг на 30 јуни 2019 година изнесува 4.374,6 милиони евра, односно 38,4 отстоод БДП, додека јавниот долг 5.300,2 милиони евра, односно 46,6 отсто од БДП со што Република Северна Македонија е умерено задолжена земја.

Пред членовите на Комисијата ги претстави и макроекономските движења и проекциите, при тоа рече дека растот на економската активност во првото полугодие од 2019 година продолжи со посилен интензитет споредено со растот во 2018 година и изнесува 3,6 отсто.

Министерката оцени дека континуираното забрзување на економскиот раст во текот на 2018 година, како и позитивните поместувања во првата половина од 2019 година изразени преку поинтензивен раст на инвестициите, силна поддршка на потрошувачката врз економскиот раст, континуиран силен раст на извозната активност, засилено кредитирање на приватниот сектор, раст на активноста во градежништвото и индустријата, претставуваат реална основа за остварување на проектираниот економски раст за 2019 година од 3,5 отсто.

Ангеловска побара поддршка за ребалансот од пратениците и посака конструктивна и ефикасна дебата.

25

Најчитани вести