Човековите права во бизнисот и состојбите во оваа сфера кај нас ќе бидат во фокусот на националната „Конференција за бизнис и човекови права“ што ќе се одржи утре со почеток во 11 часот во хотел „Арка“, а ќе учествуваат осумдесетина претставници од стопанските комори, компании и граѓански организации. На конференцијата ќе присуствува и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска како и претставници на Делегацијата на Европска унија во Република Северна Македонија. Учесниците ќе дискутираат за имплементацијата на водечките принципи за бизнис и човекови права на Обединитетите нации, во јавните политики на државата и во внатрешните политики на компаниите.

На конференцијата ќе бидат споделени и наодите од истражувањето „Почитување на човековите права во бизнис секторот“ од каде што произлегува заклучокот дека компаниите повеќе декларативно се грижат за човековите права во обемот во кој тоа го налагаат правните прописи, додека е сѐ уште мал бројот на компании, коишто имаат направено обид за интегрирање на ВПОН во своите интерни политики и спроведуваат претходна проверка на човековите права. Истражувањата покажуваат дека мал број компании применуваат суштински приод кон заштитата на човековите права, односно само 28,8 отсто од вклучените компании прават проценка на ризиците поврзани со човековите права, а 13,6% потоа преземаат некаков обмислен пристап во оваа насока.

„Конференцијата за бизнис и човекови права“ се организираше во рамки на проектот „Поттикнување на принципите за бизнис и човекови права“ финансиран од Европската Унија, а имплементиран од Конект во партнерство со Бизнис Конфедерација.

Претседател на Бизнис Конфедерација, Миле Бошков, појаснува каква е улогата и кои се обврските на работодавачите во однос на почитувањето на човековите права.

„Улогата на работодавачаите е особено значајна кога станува збор за работничките права, во рамката на универзалните човекови права. Тие треба да обезбедат и дополнителни мерки за почитување на човековите права. Можеби најважно е на работниците да им обезбедат можност за консултации, информирање и разговарање за правата што ги имаат во организацијата и за евентуалните проблеми со кои се соочуваат на работното место“, вели тој.

Според него унапредувањето на практиките на почитување на работничките / човековите права, во компаниите кај нас е различно, односно е правопропорционално со големината на компанијата и со ресурсите со коишто располага.

„Корпоративно управуваните компании, акционерските друштва и големите компании можат да си дозволат постојано унапредување на практиките на почитување на работничките/човековите права . Малите и средните претпријатија сеуште немаа доволно капацитети- знаење, култура, средства и процедури за оваа проблематика. Нашиот став е минимална плата во рамки на социјален дијалог и договарање на истата. Кога одредувањето на минималната плата е еднострана одлука се крши аспектот на човекови права. Платата треба да е договорена и базирана врз следење на исполнителноста на работникот, неговите / нејзините вештини и капацитети, а секако важна е и свеста на работодавачот за системот на следење и поставување на нормите и продуктивноста“, смета Бошков.

Никица Кусиникова, извршна директорка на Здружението „Конект“, вели дека откога Обединетите нации во 2011 година ги усвоија Водечките принципи за бизнисот и човековите права започна ново поглавје во начинот на кој компаниите ширум светот го водат својот бизнис.

„Декларативните заложби да се применат во пракса потребно е сопствениците на компаниите, раководителите и вработените да разберат кои се нивните обврски поврзани со човековите права, и тоа повеќе од она што во моментов е предвидено со закон. Додека претходно државата ја имаше примарната улога во почитувањето на човековите права, сега е општо прифатено дека и компаниите подеднакво имаат одговорност да ги почитуваат човековите права во сите сегменти во своето работење, од вработените, потрошувачите, ланците на снабдување, заедницата во која делуваат. Во нашата земја рамката за бизнисот и човековите права е многу малку позната па преку оваа иницијатива сакаме нашите компании, институции и другите чинители да ги вклучиме во глобалните текови. Како организација којашто долги години работи на поттикнување на општествената одговорност на компаниите, здружението Конект овој проект го реализира во партнерство со Бизнис конфедерација на Македонија, со финансиска поддршка од Европската Унија“, вели Кусиникова.

(ПР текст)

извор: Makfax

16

Најчитани вести