По 146 години Македонија денеска остана без меѓународна железничка линија. Редовната линија Белград – Скопје – Солун од денес се укинува.

Наместо железнички да се поврземе со соседните земји, патниците во Македонија веќе нема да имаат можност да патуваат на релацијата Белград – Скопје – Солун со воз. Неивестирањето во овој сектор е една од причините за прекин на единствената меѓународна линија.

Како што е веќе објавено железничките претпријатија тонат во долгови. Рекордер по неплатени сметки од сите државни институции е Македонски железници Транспорт. Според листата што ја изготвува Министерството за финансии, објавена во февруари,  Транспорт има неплатени сметки од 45 милиони евра, а во наредните две години за плаќање ќе сигнат уште 12 милиони. Железницата и должи пари на државата, должи и за струја, нафта, резервни делови. Половина од долгот е кон странство. Неплатени и натрупани сметки кон желенизиците во Бугарија, Хрватска, и секаде каде што македонските возови поминуваат и се задржуваат подолго од превиденото.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа за укинувањето на линијата, велејќи дека Македонија стана железнички изолирана земја.

– По 146 години од воведувањето на железничкиот сообраќај во Македонија, од денес нашата земја остана без единствената редовна меѓународна линија Белград – Скопје – Солун. На 9 април 1873 година, првиот воз влечен од парна локомотива пристигнал во железничката станица во Велес и тогаш почнало поврзувањето на Македонија со остатокот од светот, поврзувањето со железница своевремено претставувало највисоко техничко и технолошко достигнување. Но од тогаш до денес, наместо да станеме држава со технолошки развиена и усовршена железница, ние станавме железнички изолирана земја. Денес 19.09.2019, после 146 години укинат е единствениот меѓународен патнички воз кој сообраќаше на релација Белград-Скопје-Солун и обратно. – стои во соопштението на Комисијата за инфраструктура, урбанизам и транспорт на ВМРО-ДПМНЕ.

Тие додаваат дека во услови кога Владата на Р. Македонија секојдневно промовира европски вредности и се повеќе не убедува дека сме на чекор до влез во ЕУ, дозволува да се укине единствениот патнички воз кој не поврзува со Европа. Според нив, освен меѓународните се укинуваат и домашните линии.

– Еве помина повеќе од 1 година како “времено“ е укинат и единствениот брз воз кој сообраќаше на релација Скопје-Битола и обратно. Тоа беше популарниот воз “Пелагонија“ кој најмногу го користеа патниците од Пелагонискиот дел на Македонија. – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку во сите развиени земји железницата е основата на јавниот превоз. Кај нас состојбата е обратна. Бројот на патници постојано опаѓа. Во 1992 година со македонските возови патувале над 1 800 илјади патници, сега тој број е за три пати помал.

1,370

Најчитани вести