Шеесет и пет години рокенрол и 50 години „Вудсток“

Во 1960-тите години во рокенрол-музиката важеше девизата: да бидеш херој мора да умреш млад, кога си на врвот од славата. Твојата публика ќе пати и ќе изгради култ. Така, во легендите заминаа Џенис Џоплин, Џими Хендрикс, Џим Морисон и другите прерано согорени музички ангели.

Помеѓу овие неповторливи рокенрол-величини, мој фаворит е Џенис Џоплин, непрежалена легенда на тој вид музика. Таа е прва припадничка на белата раса што ги пееше песните на црномурестите изведувачи подобро од нив, и успешно се однесуваше во тој фазон. Пееше така како што живееше. Беше свесна за проблемот кај женските пејачки, што ќе кажат родителите, роднините, соседите…

Џоплин личеше на песните што ги пееше. Олицетворение за едно трагично бегство во светот на современата „Алиса во земјата на чудата“ и успешната реализација на девизата: живеј брзо и нескротливо, умри млад и биди убав труп. На музиката и даде безмалку сѐ, а за возврат доби многу малку. Сакаше да го скандализира светот што ја отфрлаше, а богами и честопати успеваше во сето тоа. Сакаше да ја сакаат луѓето. Љубовта ѝ беше повеќе од потребна и очајнички ја бараше.

Уште еден ангел на рок-музиката го заслужува вниманието – Џим Морисон. Тој е рок-поет и уметник што внесе целосно ново искуство на музичката сцена. Сѐ што направи во музиката направи за 4 години, од јануари 1967 г. до јуни 1971 г. Ако Џенис Џоплин личеше на песните што ги пееше, тогаш Џим Морисон личеше на текстовите на своите песни. Тие во голема мера беа чудни и деструктивни.

Тој така се однесуваше и на крајот, самиот се упропасти. Но имаше нешто во него, во неговиот поглед, во неговиот став и става. Тој имаше своја филозофија, која се разликуваше од сѐ што се случуваше на крајот од 1960-тите во Америка. Најголем секс-симбол на рок-музиката, рок-поет со објавени три книги поезија, пејач и лидер на групата „Дорс“, несуден актер и дипломиран филмски монтажер. Подобар поет од него во неговата генерација немаше. Ретки се поетите што стануваа јавни личности и истакнати забавувачи, како Морисон, ама никој, ама баш никој не го живееше својот живот интензивно и бурно како тој.

Дали Морисон е важен поради минатите времиња, славните времиња на 1960-тите години, како предводник на американската контракултура, како најмоќен глас на таа епоха. Или тој е битен поради својата трагична аура, брзото, манично согорување, бавната капитулација на духот, музиката што ја создаваше, поезијата што ја пишуваше и пееше? Или, пак, напросто, поради групата „Дорс“, една од клучните групи на тоа време?

Доколку постои одговор на овие три прашања, тој сигурно се наоѓа од другата страна на надреалното, затоа што навистина нема таков творец на сцената и надвор од неа.

А што да се каже за Џими, Џими Хендрикс? Интересен гитарист, кој во својата рана кариера свиреше со неколку различни групи по клубовите и баровите во Гринич Вилиџ во Њујорк. Коперникарски пресврт за него и за неговата кариера настанува кога Чес Чендлер, басистот на „Анималс“, го гледа и го слуша како свири гитара и му нуди да го носи во Лондон и да го претстави на лондонската музичка сцена.

Немаат пари за авионски карти, но Чес ја продава својата гитара и заминуваат за Лондон. Таму, се запознава со Ноел Единг, басист со кого прават аудиција. На аудицијата избираат и други членови за нивниот состав и за неколку дена го свират нивниот прв концерт. На концертот ја свират старата фолк-песна „Hey Joe“, преработена од Џими Хендрикс и таа станува вистински хит и сензација во Велика Британија. Неговото свирење на гитара ги излудува младите тинејџери во Лондон. Прв му приоѓа Ерик Клептон, потоа и славните „Битлси“, следува неговиот концерт во Париз со Џони Холидеј во Олимпија, а другото е историја.

Дефинитивно е еден од најголемите музички уметници, а по мислењето на многумина станува збор за најдобар гитарист во историјата на музиката. Едноставно, тој е музички и гитарски колос – за сите времиња на овој свет. Сите заедно, Џенис, Џими и Џим, нѐ даруваа со звучни, музички дарови, кои ни останаа во трајно наследство, како непроценливо богатство и по толку многу години од нивното заминување од овој свет.

Сотир Костов

2,026

Најчитани вести