ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски уште еднаш покажаа дека нивна единствена цел е да го спасат криминалот на режимот на Никола Груевски, изјави пратеникот од СДСМ и портпаролот на владејачката партија, Костадин Костадинов.

Тој подвлече дека Мицкоски не го интересира владеењето на правото и интеграцијата во ЕУ и НАТО, туку да ги штити Груевски, Мијалков и, како што рече, тајкуните на единаесетгодишниот диктаторски режим.

„Мицковски е подготвен да ги загрози преговорите со ЕУ, да ја жртвува иднината во НАТО и иднината на своите сограѓани, само за да го спаси неговиот ментор Никола Груевски. Фокусот на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се сведува само на едно: запирање и уништување на предметите на СЈО во кои главни обвинети и осмничени се функционери од белиот дворец на ВМРО-ДПМНЕ. Малку им беше што од 2006-2016 дрско ја партизираа државата и судството, манипулираа со граѓаните со закани и уцени, сега сакаат и нивен партиски обвинител чија главна улога ќе биде да го амнестира деценискиот криминал и расипништво“, изјави Костадинов.

Додаде дека и барањето за предвремени избори е обична фарса со која Мицкоски сака да сокрие дека членството на ВМРО-ДПМНЕ се жртвува за да се избришат обвиненијата за „Талир” „Тврдина“ „Таргет“ „Империја“ „Империја 2“.

 

извор: Makfax

0

Најчитани вести