Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми вели дека нема надлежност врз медиумите базирани на интернет, откако претходно МВР побара реакција во врска со начинот на известување на неколку интернет-портали за инцидентот на фудбалскиот натпревар во селото Волино, Дебарца, што се случи викендов.

„Агенцијата нема надлежност врз медиумите базирани на интернет, за што го извести МВР, но дописот го искористи како повод да го провери начинот на известување на националните телевизии и на телевизиите што емитуваат програма во подрачјето каде што се случил инцидентот. Со увидот беше констатирано дека телевизиите коишто информираа за настанот не ги прекршија програмските принципи и стандарди со оглед на тоа што, во прилозите на оваа тема, пренесоа различни гледишта и мислења и користеа повеќе извори на информации, меѓу кои и МВР“, велат од АВМУ.

Агенцијата апелира сите медиуми објективно и непристрасно да ги прикажуваат настаните, со еднаков третман на различните гледишта и мислења за да ѝ овозможат на публиката слободно оформување на мислењето за одделни настани и прашања. Медиумите базирани на интернет не треба да бидат исклучок и покрај тоа што не подлежат на регулација, додава АВМУ во реакцијата.

извор: Makfax

0

Најчитани вести