Загадувањето во главниот град и натаму е сериозен проблем за граѓаните. Toa повторно ги „предизвика“ граѓанските иницијативи да реагираат и да побараат одговори од надлежните за оваа веќе алармантна ситуација во Скопје. Вчерашната 15-минутна блокада на скопската депонија „Дрисла“ на „Движењето за чист воздух“ беше само една од многуте реакции на граѓанските иницијативи за ситуацијата во која се наоѓа Скопје, а организаторите од надлежните побараа одговори на повеќе прашања за загадувањето.

Инсистираа на одговори за прашањата што се гори во печките во депонијата „Дрисла“ и за каков отпад станува збор. Исто така сакаа да им се каже дали се почитуваат законите и стандардите во согласност со европските регулативи. Го акцентира и прашањето за увозот на отпадот од други земји во Македонија и негова целосна забрана. Од надлежните побараа да ги испитаат индициите за можни нерегуларности. Според Аријанд Џафери, од тетовската „Екогерила“, забраната за увоз на отпад во Македонија значително ќе придонесе да се намали нивото на загадувањето, особено во Скопје и ги повика премиерот Зоран Заев и Владата да го променат Законот за увоз на отпад.

– Македонија нема капацитет да се справи со сопствените количества отпад, па така увозот на отпад од земјите од ЕУ остава сомнежи за корумпираните врски и можни импликации за интересите на мафијата. Бараме од ОЈО да ја испита оваа активност, без да има влијание на бизнис-интересите и на политиката – истакна Џафери. Екоактивистите апелираа за можни одбегнувања на конвенциите што го регулираат транспортот на опасен отпад и немањето соодветни контролни механизми за тоа што влегува во државата. Дополнително се осврнаа и на застарените правилници и методологии, кои не се соодветни на денешните потреби. Организаторите беа децидни, доколку надлежните не дадат одговори и не преземат мерки најавија и помасовни протести.

1

Најчитани вести