Најмногу боли кога некој ќе биде удрен од сопствен камен, а каменот од блиску доаѓа што би рекол Муса Џафери во еден јавно објавен телефонски разговор. Зоран Заев и СДСМ, како и неговите изврштели во обвинителството, СЈО и некои судии се соочуваат со лавина од камења кои до скоро ги фрлале врз медиумите и опозицијата.

Од 9 февруари 2015 година кога Заев и СДСМ почнаа со јавното објавување туѓи и непотврдени телефонски разговори за политички потреби на СДСМ тоа кривично дело за нив беше јавен интерес во полза на демократијата. Тогашниот државен јавен обвинител Зврлевски писмено побара од медиумите да не се објавуваат тие непотврдени туѓи телефонски разговори, но медиумите блиску до СДСМ, како и Заев и самата партија, не го почитуваа тоа. Насетија крв, и како сите хиени чекаа жртвата да падне а тие, потоа, кога е немоќна животински да ја искасапат.

За жртвата да биде немоќна се погрижи СЈО. Во дваесетина кривични процеси пред суд обвини педесетина функционери на сегашната опозиција, новинари и бизнисмени. Практично секој што има влијание и може да му застане на патот на СДСМ до власт без победа на избори – беше обвинет. А кон тоа, уште над стотина други беа под истраги, сослушувања, јавни пораки дека се следните за апсење. Терор со јавно понижување, прогон, судење од улица на секој што Заев и СДСМ го одбраа за цел. Сите го гледавме тоа. Некои уживаа, други ќутеа а стотици луѓе страдаа.

И еве, сега дознаваме дека СЈО ги гонеле за потреби на СДСМ кој потоа СЈО го частел и покривал со вработувања на роднини, хонорари без основ... за да рекетираат богати бизнисмени кои СЈО божем ги гони, а ги гони додека не платат. Потоа, СЈО ги ослободува. Кој имал, платил и се спасувал, кој немал е гонет и служи за залажување на јавноста дека нешто сериозно се случува.

Прво пукна видео снимката во која Боки 13 добива рекет од Орце Камчев. Видовме и слушнавме, од Боки 13, дека во рекетот имал покритие и интерес од Катица Јанева но, според зборовите на Боки 13 а не наши, за рекетот знаеле и го покривале премиерот Зоран Заев и неговиот советник Зоран Башановиќ. Од Боки 13 слушнавме дека рекет платил Жарко Луковски, поранешен директор на Телеком.

Од Боки 13 дознавме дека во неговата невладина организација која рекетирала и вршела измами раководни лица биле пратеници на СДСМ како Ременска, Кирацовски и малиот струмичанец Костадин Костадинов, десната рака на Зоран Заев. Од Боки 13 дознавме дека кај него на вечера се Радмила Шекринска заедно со Катица Јанева, а дека сопругот на Шекеринска оди на гости кај Орце Камчев, лице кое е во куќен притвор, и според пријавата разговараат - и за рекетарите.

Никој од прозваните не го тужи Боки 13 за клевета и за злоупотреба на нивното име за измама, рекет и лични профитни цели. Да не го налутат па да прозбори.

Сега, кога уредникот на Инфомакс објави документ, пријавата на Орце Камчев дека е рекетиран сите спомнати во пријавата, на чело со премиерот Зоран Заев, како попарени се кренаа и најавија дека ќе го тужат за клевета. Државниот јавен обвинител Јовевски дури се закани со кривично гонење! Тој докумнет бил против пресумција на невиност! А снимање осомничени со лисици на раце не е прекршување на пресумција на невиност.

Емоциите на страна, тие се лош сопатник во политиката, да ги видиме ние фактите.

Прво, објавен е службен документ на кој нема печат дека е некоја тајна. Орце Камчев е пријавител а не заштитен сведок. Изјавата на Камчев била кај десетина луѓе од обвинителство, адвокати, судии, записиничари... и никој од нив нема сертификат за доверливост што е нужно кај тајните документи. Копијата можел да ја направи било кој, и да ја даде на новинарот.

Новинарот има право да го објави тој документ според законот кој правото го дава кога се работи за јавен интерес. Истиот принцип со кој се амнестираа сите што објавуваа туѓи, непроверени телефонски разговори во јавноста пред Законот за СЈО. А објавуваа и документи, како лични така и со печат за службена тајна кога на СДСМ тоа им требаше пред избори.

Зошто тој објавен записник од пријавата на Орце Камчев за рекет е јавен интерес? Затоа што го демантира државниот јавен обвинител Љубомир Јовевски дека во предметот Рекет нема вмешано политичари. Во пријавата, децидно и црно на бело, Орце Камчев за рекетот упатува на неколку политичари од власта! Значи, Јовевски свесно не зборувал вистина и ја криел вмешаноста на политичарите во рекетот. Ниту еден од спомнатите политичари во пријавата на Камчев не е ни повикан да даде изјава за да се проверат зборовите на Камчев, што дополнително докажува дека Јовевски свесно ги амнестира и крие од рекетирањето за да не го наруши нивниот политички углед. А во јавноста веќе има перцепција дека Јовевски е човек кој извршува интереси на Заев и на СДСМ. Овој настан само ги потврдува перцепциите.

Сега, политичарите кои ги пријавил Орце Камчев, а ги криел Јовевски, ќе тужат за клевета новинар кој ја објавил пријавата за рекет во која тие се спомнати.

Според пријавата на Орце Камчев процесот на рекет го почнува адвокат, два дена по неговото апсење и носење во Шутка. Тоа е нов момент и сознание кое обвинителството досега не го кажуваше, односно го криеле. Случајно, или не, сестра на тој адвокат е судија во Кривичен која тој ја спомнува како корисник на пари од рекет за да му заврши работа на Камчев во судот. Дали адвокатот и сестрата судијка биле на распит во Обвинителството? Ако биле, кажете како што кажавте за другите. Ако не биле, кажете зошто ги криете и амнестирате од истрага кога се веќе директно посочени од пријавителот. Патем, судијката спомната во пријавата е учесник во процес на СЈО со одлука за замрзнување на имот на ВМРО- ДПМНЕ.

Обвинителството изјави дека Заев во април, две недели пред Камчев, ги известил дека Камчев има проблем со рекет врз него. Така вели Обвинителството но, нема никаков записник дека Заев пријавил рекет, а мора да има. После се, може ли на државниот обвинител Јовевски и на Заев за ова да им се верува само на збор?

Тоа се елементи од јавен интерес, нови факти кои ги открил новинарот, и после кои јавноста има дополнета и документирана слика што навистина се прави со истрагата. Елементи кои се клучни за истрагата, а од Обвинителството се игнорирани. Сега треба да се донесе нов Закон за обвинителство и овие појави, како и лицата од Обвинителство вмешани во ова, се репер за идните одлуки.

Според пријавата на Орце Камчев за рекет, најсветла точка и клучен човек да се води воопшто истрага не е Обвинителството, туку директорот на УБК Горан Николовски кој лично решава да го истражи случајот и ја спомнува сегашната обвинителка на овој случај, Вилма Рускоска, која за рекетот ќе биде известена. Николовски имал доверба во неа. Тој Горан Николовски од УБК е херојот на овој криминален филм, да не се заборави.

Тоа е комплимент за Рускоска и индиција за професионалец но, Вилма Рускоска можела да трпи и притисоци, таа не е главен шеф на Обвинителството, нејзин шеф е Љубомир Јовевски, а наскоро следи нов Закон за обвинителство и тие имаат интерес да бидат добро позиционирани во него. Како што и Лиле Стефанова имала сериозна намера за истрага, но шефицата Катица Јанева имала други намери. Се понатаму е веќе познато.

Врвот на владата и на СДСМ вреска: Ќе тужиме, сите ќе ве тужиме! Не, нема да го тужат Боки 13 а ни Катица Јанева, тие се нивни луѓе, ќе го тужат тој што објавил документи со фундаментално нови сознанија од Рекет. Со нивни имиња.

Патем, ќе се крстат Боки 13 и Катица Јанева да не прозборат. Веќе работат на тоа. Еве, за нивна домашна задача: постои братучед на Зоки Кичеец, постои советник на СДСМ од Тетово, постојат и двајца адвокати кои работат на замолчување на притворените во Шутка. Им се ветува дека наскоро ќе излезат, дека работата во суд е стокмена да не се прифатат нови барања за притвор, дека со новиот Закон за обвинителство нивни луѓе ја преземаат работата и ќе ги сменеле обвиненијата...

Ќе тужат истите чии партиски портпароли објавуваа документи од истраги на СЈО на прес конференции, чии портали и медиуми објавуваа дека нашите ќерки се лезбејки, нашите синови се наркомани, дека се разведуваме, продаваа телефонски разговори... Тоа не е важно за кривичната вина, важно им е да бидеме понижени и да не ни верува никој.

СЈО објавуваа имиња и презимиња со сите детали, квалификации и навреди на прес конференции, објавуваа копии од сведочења во СЈО, лекарски дијагнози... Дали во тоа време Љубомир Јовевски беше обвинител? Дали ги памети изјавите: ма во Идризово нека се породи, има во затвор да оди... Или, не признавам боледување, од мртвачка постела ќе ги станувам и во суд ќе ги носам... Дали имаше заштита на пресумција на навиност и од тортура кога Катица Јанева на телевизија штанцаше имиња на осомничени, не на обвинети, и најави кој ќе оди а кој нема да оди во притвор... Дали ОЈО поднесе пријава за непотизмот во СЈО? Дали поднесе пријава за дивоградбите во Охрид? Дали било кога, за било што, ова Обвинителство преземало нешто против работата на СЈО и пресумција на невиност, против објавите од медиумите блиски до СДСМ, работата на оваа власт... Не, никогаш ништо не преземало ОЈО.

Тужете. Лавината од камењата што четири години ги фрлате сега тргна накај вас. Агонијата во која сте и хаосот кој вие со години го креиравте ќе ви пресуди.

( 26.08.2019)

13,195

Најчитани вести