Loading..

Денеска се одбележува првата годишнина од рушењето на мостот Понте Моранди во Џенова при што загинаа 43 лица.

Стотици луѓе, меѓу кои и градоначалникот на Џенова, Марко Бучи и италијанскиот премиер Џузепе Конте, се собраа во близина на локацијата за да им оддадат почит на сите оние што загинаа или беа повредени кога дел од 210 метри од мостот се сруши.

Во катастрофата загинаа вкупно 43 лица, а 29 лица беа повредени заедно со 600 луѓе кои живеат под мостот и чии домови биле уништени.

Мостот, кој беше пуштен во употреба во 1967 година, беше урнат во јуни, но истрагата за рушењето на мостот продолжува.

Минатиот месец италијанската финансиска полиција заплени документи од „Атлантија“, која е матична компанија на онаа одговорна за одржување на мостот, „Аутострада пер ла’ Италија“, пренесува „Фајненшл тајмс“.

Весникот објави дека „Атлантија“ побарала да се отворат „вонредни“ истраги за стабилноста на мостот секоја година, освен во 2009 и 2017 година, во десетте години пред падот.

Компанијата соопшти дека потрошила 9 милиони евра за одржување на мостот помеѓу 2015 и 2018 година.

Коалициската влада на популистичката партија Пет Sвезди и десничарската партија Лега предложија одземање на лиценцата на „Аутострада“ за работа на владини договори во Италија.

Двете компании се оградуваат од одговорност, велејќи дека извештаите не покажале никаква потреба од итно одржување на мостот.

Падот на мостот е еден од најголемите инфраструктурни инциденти во земјата, а според Паоло Клементе, директор за изтражување во италијанската Национална агенција за нови технологии, енергија и одржлив економски развој, и други мостови во земјата се на ризик.

извор: Makfax

Најчитани вести