Без намера да го пренасочам наративот, но, длабоко мотивирана од незаприливите и секојдневни скандали од ненародната власт, сметам дека е вредно да се анализираат кулминативните моменти од нашето секојдневие. И само за момент кога помисливме дека пресвртот со узрупацијата врз слободата на мислата е врвниот дострел на глупоста и воедно крајното дно, украдената држава ја затресе, првично немоста на основното јавно обвинителство, како претходница на следниот земјотрес, високата корупција од „најсветата“, а јас би рекла, „најскапата“ пара институција во Република Македонија, „величенственото“ Специјално јавно обвинителство.

Она што беше прикажувано како највисок дострел во борбата за правда, која требаше да ги смири хормоните и немирот кај грантираните активисти од т.н. Шарена револуција, стана лице и (зло)пачина на своите најагилни поддржувачи. И само за миг овој пренадуван балон, излета од фокусот на осветољубието и неизмерната катарзична злоба преточена во политичкиот прогон на неистомислениците и тресна на бетонот со сиот свој праскот од кој излета вистинското дело на овој институционален монструм, при што се покажа дека истиот не претставувал ништо друго сем централното дувло и новото подземје во кое од самиот врв, рекетарството и голиот линч биле главното кредо на ова злочудно мртвороденче.

На секој еден пристоен човек, кој верувам дека имал очекувања дека со оваа промена ќе започнеме да наликуваме на нормална држава, верувам дека ваквиот развој на настаните му е не само мачен, туку и одвратен, долен и крајно вознемирувачки. Уверена сум дека по овие настани, македонските граѓани, сите оние кои веруваат во подобро утре и кои не се дел од сценарија, туку само „невини жртви“ на својата потреба да придонесат да успееме во крајната цел, Македонија да стане дел од европското семејство, со подобри животни услови и нормален стандард, ќе станат уште по внимателни кога следниот пат ќе ги слушнат повиците на довчерашните комради кога истиве ќе ја побараат нивната поддршка.

Ненаучените лекции, особено игнорирањето на народната мудрост станаа повторно актуелни и она што на сите треба да ни стане јасно е дека „на лагата навистина и се кратки нозете“, исто како и дека „потешкиот пат е полесен пат“! – Токму затоа, мошне логично се поставуваат следниве прашања: - Кога ќе се затвори конечно овој пеколен круг на лагите, измамата и провинциската итроштина?

– И кога ќе видиме, барем П од правдата, правото, правната држава?

– Кој ќе го плати цехот за манипулацијата со луѓето, кога бараа правда за Мартин, за случајот Монструм, за уставобранителите, за Гордана, за Димитар, за Дејан, кои во моментов скапуваат во мувлите во Шутка, за измислен процес, за сите прогонети праведници кои го плаќаат крвавиот данок наместо Груевски, кој ја претставуваше врвната жртва за „колење и бесење“ во кампусот на т.н. узрупатори и бесрамни лажговци, во времето кога ја уриваа власта која ја предводеше тој, во името на ВМРО-ДПМНЕ и македонскиот народ?

– Дали ќе видиме ден, кога овие разобличени калкуланти, кои на нечесен начин и со лажливи средства дојдоа на власт и не само што јадат живи луѓе, туку ги јадат и сите останати, како автентични канибали кои не можат да се наситат од потребата да ја прождерат секоја една витална клетка, само и само со еден единствен нагон, да го продолжат своето крваво гоштевање, над отворениот гроб на Република Македонија?!

Сето тоа и многу други дилеми не водат кон логичната разрешница на овој срам, кој единствено е возможно да биде сопрен со неодложно распуштање на Собранието и распишување на вонредни парламентарни избори, каде најавтентично сите ќе се увериме како гледаат на овие работи македонските граѓани и која е програмата која тие сметаат дека ги одразува нивните потреби и нивната визија за сопствената татковина.

Евидентно е дека се наоѓаме на големата раскрсница, на која се преклопуваат новите и старите предизвици. Во оваа фаза, оние кои ја водат Република Македонија се длабоко залепени на балканската тиња, со регулирани информации и без чесна намера да го проектираат утрешниот ден, а камоли да се зафатат да водат држава, при што истите се ставени пред изборот или да го одиграат последниот гем на злото или да си заминат веднаш во аналите на црната страница на современата македонска историја.

Дали ќе го дочекаме крајот на овој терор и дали ќе го закрпиме срцето кај македонскиот народ кој јачи изгмечен од овие режирани нелуѓе, сигурна сум дека да! – Дали имаме право да застанеме, да потседнеме и да почекаме уште еден мега скандал, мислам дека не!

– Она што стои пред нас, и она што ќе се случи понатаму, ќе биде новиот модус на здравите и силните карики кои на крајот ќе успееме да го вратиме Сонцето над својата заробена држава. Имала Македонија и ќерки и синови, има и денес, кои силно веруваме во правото на самоопределување, во слободата и демократијата и затоа силно ве поттикнувам на гласен отпор кон ова бласфемично, ненародно, корумпирано и неодржливо дивеење со државата на овие неспособни манипуланти и бесрамни трговци.

Сите заедно, под кредото „Од Македонија, за Македонија, со љубов“, да си ја вратиме татковината и да почнеме да ја испишуваме новата страница, за да ги заштитиме идните поколенија и да им возратиме на нечесните глобалистички гејмери, дека и ние имаме право и ние сакаме правда и ние ќе победиме, зошто вистината секогаш ја победува лагата, исто како што животот е посилен од смртта, која не може и нема да ја избрише Македонија!

Иванка Василевска, Универзитетски професор (14 август 2019) 

4,923

Најчитани вести