Обвинителката Лиле Стефанова по распитот во Обвинителството за организиран криминал и корупција кој траеше пет часа рече дека кажала се што знаела. Таа рече дека пред надлежен обвинител објаснила за предметот ,,Империја” и поврзаноста на предметот со случајот ,,Рекет”, во кој беше уапсен Бојан Јовановски познат како Боки 13.

,,Сосема сум свесна за огромниот интерес на јавноста и сите допирни точки на случајот ,,Рекет” со ,,Империја”. Се што може да кажам, го споделив во даденото соопштение во петокот. Дојдов овде во 9 часот до сега како сведок. Се што ми е познато за случајов кажав. Имајќи предвид дека сум сведок, не можам да дадам друга изјава”, изјави Стефанова по распитот  за случајот ,,Рекет”.

Стефанова не одговараше на прашања и по изјавата замина. На заминување рече дека сопственикот на градежната компанија „Адора“, Ванчо Чифлиганец, не ја демантирал со неговата изјава. Чифлиганец кој беше споменат од страна на Орце Камчев во објавените разговори за случајот „Рекет“, ги демантираше наводите дека барал од бизнисменот дуќан за стоматолошка ординација за обвинителката Лиле Стефанова.

Пет часа траеше распитот на Стефанова, кој го водеше обвинителката за организиран криминал Ивана Трајчева, која ја менува Вилма Русковска.

Стефанова и специјалната обвинителка Катица Јанева беа спомнати во снимените разговори и видеата што ги објави интернет изданието на италијанскиот весник „Ла верита”, а во врска со случаите „Рекет” и „Империја”.

Лиле Стефанова е обвинителката за предметот „Империја“, каде што осомничени се Орце Камчев и Цветан Панделески. Во една од снимките што се објавени од италијанскиот весник „Ла верита”, поврзани со случајот „Рекет”, шефицата во оставка на СЈО, Катица Јанева, вели дека ја има под контрола Лиле Стефанова, обраќајќи му се на бизнисменот Орце Камчев, кој е осомничен во предметот „Империја”, кој го води Стефанова.

Обвинителката Стефанова преку писмена изјава во изминатите денови рече дека Јанева без нејзино знаење носела одлуки за случајот „Империја”, потсетувајќи дека барањето за издавање времен пасош било одобрено без таа да дaде согласност. Дополнително, обвинителката Јанева на состанок со обвинителите побарала предметот да се затвори и никој да не оди во затвор.

Најчитани вести