Премиерот Зоран Заев вршеше притисок врз мене да влијаам на одредени членови на Судскиот совет за смена на еден претседател на суд, кажа денес градоначалникот на Општина Сарај Блерим Беџети на прес-конференција. Беџети кажа дека премиерот Заев на 17 јули му се јавил и му рекол дека треба да помогне да смени претседател на суд и таа работа треба да биде завршена до септември.

„Јас барањето на премиерот Заев го одбив и за две недели по тој повик се јави Антикорупциската комисија која за мене е корумпирана комисија и покрена постапка за мене. Сигурен сум дека ваквите дејствија на комисијата се последица на притисокот што го одбив да им кажувам на одредени членови како да гласаат“, рече Беџети.

Тој кажа дека кон него во изминатиов период се прави политички притисок. Вели дека прво премиерот Заев му се јавил и барал од него да ги поништи легализациите на дивоградбите. Како што кажа Беџети, Заев преку неговиот шофер му ја пратил целата документација за платформите на Матка. И градоначалникот Петре Шилегов барал од него да се урне една платформа а другите две да останат.

„Јас тогаш тој повик од Заев го сфатив како добронамерен за решавање на ова прашање. Втор чуден момент ми беше кога Шилегов ми рече да уривам една платформа и да завршиме со тоа. Па после дојде одлуката на Антикорупциска, која нема ниту еден правен момент и тоа ќе го докажам покренувајќи кривична пријава против претседателката и одредени членови“, рече Беџети на денешната прес-конференција.

Беџети кажа дека за ваквите притисоци од премиерот Заев не го информирал претседателот на ДУИ Али Ахмети и партиското раководство бидејќи бил на одмор, но деновиве ќе го стори тоа. На прашањето зошто притисоците, како што вели од премиерот Заев, не ги пријавил во Обвинителството или МВР, Беџети вели заминал на одмор и сега се вратил во земјава, но бил отворен за сите институции.

4,573

Најчитани вести