Македонскиот планинар и планински тркач, Александар Кирковски, вчера (9. август) реализира успешно брзинско искачување на највисокиот врв во Швајцарија – Дуфуршпиц (4.634 мнв).

Поаѓајќи од домот Монте Роса на 2.880 метри надморска височина во 5 часот наутро, до врвот и назад на Кирковски му беа потребни вкупно 4 часа и 28 минути.

Врвот Дуфуршпиц се наоѓа на Пенинските Алпи на границата помеѓу Швајцарија и Италија, а за првпат е искачен во 1855 година.

Рутата до врвот има долг пристап со минување по глечери и карпест гребен во завршниот дел, а се искачуваат 1.800 висински метри.

Претходно Кирковски во ваков стил има реализирано брзински искачувања на Мон Блан (4.810 мнв), Елбрус (5.642 мнв), Аконкагва (6.962 мнв) и други врвови.

Трендот на брзо искачување со минимум на опрема во високите планини се нарекува „скајранинг“ и станува популарен во последните 20-тина години, а овој спорт е дел од програмата на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија.

извор: Makfax

1

Најчитани вести