Несомнено е дека историјата претставува посебна форма на мислење. Покрај другите особености, историската наука ја претставува формулата или начинот преку кој се даваат одговори на прашањето за дејствувањето на човештвото во минатото. Оваа наука е единствената преку која изучувањето на минатото на човековата цивилизација, ги дава своите одговори на дилемите и прашањата кои ги поставуваат луѓето во денешницата.

Од Херодот до Хангтингтон, еден од главните постулати на историјата е „да се запознаеме себе си, преку искуствата од минатото“. Кар пак сметал дека: „ историјата има двојна задача: - да му овозможи на човекот да го разбере општеството од минатото и да ја зајакне својата премоќ во општеството од сегашноста“. Во својата суштина, науката јасно прецизира дека една од нејзините основни задачи е да ги „види луѓето“ или како што ќе прецизира Блок: „...Оној што не го разбрал тоа е, во најдобар случај, еродиран рутински работник“.

 

Во ерата на создавањето на националните држави, од Француската буржоаска револуција до денес, историскиот аспект е еден од клучните при процесот на трансформацијата на апсолутистичките империи во национални држави. Секоја нација, чекор по чекор, во процесите на создавање на националните конструкти, ги валоризирала историските белези како метод со кој се јакнела националната кохезија и преку истите се изградувал  духот на нацијата. Во таа смисла, изградбата на националните симболи, преку митологијата, фолклорот, народните усни преданија, но, и преку артефактите, пишаните извори, сведоштвата на живите наратори, се издефинирале през декадите до ниво на сакрални постаменти, за чија светост во денешно време, најпристојно кажано е „недозволиво да се дискутира“. Ова тврдење не е деконструкција на индивидуални погледи на современите научници, туку истото е суштински вградено во сите сегменти на модерната цивилизација по Втората светска војна, почнувајќи од Повелбата на обединетите нации, до принципите и правилата според кои функционира и дејствува Европската унија.

 

Секој обид на глобализациските трендови кој задре во погоре изнесеното, беше пресретнат од жестокиот отпор на нациите кои без оглед на високиот степен на развој на технологијата и новите предизвици, покажаа неспремност за девалвирање или за релативизирање на сопствените национални симболи, за сметка на несигурните и недефинирани можности кои ги понуди новиот концепт. За нациите, кои стабилно ја утврдија трасата на своите уставно загарантирани внатрешни општествено-политички интереси и на кои економската сигурност и новите технологии им ја отворија можноста и за поцврсто интегрирање кон надвор и до ден денес е сериозно неприфатливо да се редефинираат националните истории за сметка на генералното европско или какво и да е поопшто планетарно обединување.

 

Без да се крене бранот на контра аргументирање на домашните апологети кои ревносно ја мантраат хипнозата за ЕУ и НАТО, само ќе напоменам дека примерите за историското помирување помеѓу Франција и Германија, не се соодветен пример по кој треба и ние да прифатиме дека треба да се откажеме од сопствениот национален историски континуум. Исто така, за потсетување е, а и добро е да се земат во предвид примерите со Шпанија, Белгија, Полска, Унгарија и секако најшокантниот (за недоволните упатените во историјата) на Велика Британија!

 

Последните две години, дејствијата на политичката сцена во Република Македонија не доведоа до највисокиот степен на општествена шизофренија, во која вештачки се создаде паралелната реалност. Очекувањата и дневните случувања, надвор од секаква рационална логика, беа контаминирани од велепредавството на националните и државните интереси на власта кои дефинитивно го надминаа нивото на рационалната издржливост. Да се биде Македонец, во Република Македонија стана исто толку опасно како да се биде Евреин во нацистичка Германија или во Полска за време на Втората светска војна!

 

Сиот овој хаос настана поради вазалниот и квислиншки однос на узрупаторската ненародна власт, која со помош на манипулации и вештачки создадена криза ги запоседна и ги контаминираше институциите на системот. И тогаш, како и сега е сосема јасно дека истиве не се бореа ни за правда, ни за подобар живот на македонските граѓани, туку беа инсталирани за да го извршат грозоморниот и крајно нецивилизиран погреб на Македонската нација.

 

Во сето тоа, огромна е улогата на оние, кои иако го разбираат контекстот на дејствијата, упорно го релативизираат нивното негативно значење. Со тоа, истите станаа негативци, кои допринесоа да се вратиме во периодот на Источната криза, да го прескокнеме дваесетиот и да застанеме во втората половина од деветнаесетиот век и да се убедиме дека сме аморфна маса, која чека да биде овоплотена од некој соседен државен апарат, кој ќе не испигментира според својот исторски наратив. Да станеме не народ без држава, туку воопшто да престанеме да бидеме народ е крајната цел на оваа специјална војна. Секако ќе се запрашате: Чуму е сето тоа битно и толку ургентно? – Секако, одговорот на таа дилема, најдобро ќе го најдете погоре, во овој текст, каде ќе се уверите дека токму националните истории, на националните држави, онака романтизирани, допрени со капка сина крв, ракоположени од Европскиот концерт и заштитени со империјалниот печат, мораат да не бришат, за да можат да се конформираат во сопствениот историски наратив.

 

И сето ова, не е ниту ново, ниту непознато. Со истиов проблем се бореле и нашите претци, уште во предилинденскиот период. Зошто не случајно е тврдењето на Делчев, кога кажал: „Македонија има свои интереси и своја политика. Тие им припаѓаат на сите Македонци. Оној што сака да работи на присоединувањето на Македонија кон Бугарија, Грција или Србија, тој може да се смета за добар Бугарин, Грк или Србин, но, не и за добар Македонец“!

 

Македонија вечна, честит Илинден!

 

(продолжува)

Иванка Василевска, Универзитетски професор (31 јули 2019) 

Најчитани вести