Loading..

Oпштина Гази Баба веќе четири недели се соочува со бојкот од советниците на ВМРО-ДПМНЕ за донесување на ребалансот на буџетот, изјави градоначалникот на Општина Гази Бааба, Борис Георгиевски на прес-конференција.

Тој рече дека советниците од ВМРО-ДПМНЕ немале ниту една забелешка, но сепак се одлучиле за стопирање на суштинските точки кои ќе значат дополнителен развој за општината, а со тоа и подобри услови за живот на граѓаните. Според ВМРО-ДПМНЕ, како што изјави Георгиевски, буџетот не бил развоен и се крателе средства од него, а се префрлале за непродуктивни трошоци на општината.

„Во сето ова има само една вистина и сите овие обвинувања се празни бидејќи имаат само една цел, да се закочи работата на општината. На 17 јули побарав и координација со советничките групи и коалициите, да седнеме на една маса и да поразговараме и што е уште по важно, да најдеме заедничко решение. Сепак, од советниците на ВМРО -ДПМНЕ до денеска се уште немам никаков одговор. Ова уште еднаш ми ги потврди моите сомнежи дека тие не работат за доброто на жителите на општина Гази Баба, туку само за партиски интереси“, рече Георгиевски.

Додаде дека ова не  е првпат опозицијата да ја стопира работата на општината. Тие претходно го блокирале бараниот кредит од Светска банка за изградбата на вакуум канализацијата во Јурумлери, која е единствена во Македонија. Георгиевски обвини дека ВМРО-ДПМНЕ го блокирале и проектот за проширувањето на булеварот АСНОМ, како и влегување на две големи инвестиции кои ќе значеле дополнителен развој, но и приход во општината, како и реализација на дополнителни проекти.

Тој ги повика сите заинтересирани граѓани да присуствуваат на следната седница на Советот за самите да заклучите кој ја блокира работата на општина Гази Баба, а со тоа и реализацијата на проектите кои се од суштинско значење за нивните населени места.

извор: Makfax

Најчитани вести