Може слободно да се каже дека во ниту еден Македонец не било вложено толку многу за да му се изгради позитивна слика во домашната и странска јавност, како што беше инвестирано во Катица Јанева.

Целосното отсуство на претходни достигнувања во нејзината кариерата, и слабата правничка поткованост која се покажа уште во првите настапи, а дефинитивно се потврди при фамозното сечено и лепено интервју за МРТВ, беа игнорирани од странските медиуми, веројатно затоа што Јанева имаше еден многу важен атрибут – беше подготвена, како што навести обвинителката Лиле Стефанова, да потпишува работи кои никој друг во СЈО не сакал да ги потпише.

Денес странските медиуми главно молчат за скандалозното апсење на Боки 13 и брзопотезната оставка на Катица Јанева, што доведе до обвинувања дека главна дејност на СЈО, освен водењето политички прогон против ВМРО-ДПМНЕ секако, било рекетирање на секоја компанија за која ќе се слушнело дека има некаков прилив на сметката.

Но, до неодамна, буквално до пред некоја година, странските медиуми беа и тоа како заинтересирани за Катица Јанева и беа дел во нејзината медиумска промоција и градењето на митот за скромната но цврста и бескомпромисна обвинителка од малата Гевгелија.

– Борец против криминалот од мало градче ја потресе македонската елита, беше насловот на текстот објавен во Фајненшл Тајмс во април 2016 година. Авторот Ендрју Брн, кој безрезервно ги промовираше позициите на СДСМ во текот на политичката криза, отиде дотаму што Катица ја спореди со Бијонсе.

– Правните кругови во Скопје првично ја пречекаа Јанева со скепса, како непретенциозна обвинителка од мал град која со задоволство зборува за нејзините омилени риалити ТВ емисии за музика како што е Факторот Икс. Но, многумина сега велат дека ја потцениле нејзината способност да добие поддршка во јавноста. Пред кафуле во Скопје, две тинејџерки потрчаа да и побараат автограм. За оваа земја, таа е како Бијонсе, напиша Брн, во текстот кој од денешна гледна точка изгледа како сатира, а не анализа на весник Фајненшл тајмс.

Да не останат покусо, неговите колеги од Би-Би-Си ја прогласија Катица Јанева, и нејзините верни (до минатиот вторник) придружнички Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи за нова инкарнација на Чарлиевите Ангели, познатата американска телевизиска серија од 1970ите за три девојки кои се борат против криминалци и работат за таинствен лик со име Чарли.

– Овие три жени се страв и трепет за македонската политичка елита и хероини на уличните протести, пренесе новинарката на Би-Би-Си Луси Еш.

Некои ги нарекуваат македонските Чарлиеви Ангели, по опасните, но сепак гламурозни борки против криминалот од американските филмови. Ќе најдете нивни слики на постери, на ѕидовите, и на маиците испишани со буквите СЈО – кратенката за Специјалното Јавно Обвинителство. „Тие се првиот зрак надеж дека во оваа земја може да ни се случи правда, вели Дамијан, млад студент на медицина кој ја носеше неизбежната СЈО маица.

Нивната порака е дека законот е закон и никој не може да биде над него“, пренесе новинарката Еш во долга репортажа од Македонија од јуни 2016 година, во која таа ги пренесува изјавите на половина дузина поддржувачи и обожаватели на Катица Јанева.

За волја на вистината, репортажата содржи и една изјава која денес може да делува издржано –
тогашниот портпарол на МВР Иво Котевски вели дека Јанева работи надвор од рамките на Уставот и законите и е блиска со партијата СДСМ, но Би-Би-Си ги пренесува неговите изјави безмалку со потсмев.

Весникот Економист беше третиот британски медиум кој детално ја следеше политичката криза во Македонија, и не пропушташе да ги информира своите читатели за корумпираноста на претходните власти и за тоа како новата гарнитура почнала храбра борба против криминалот.

– Десетици илјади луѓе повеќе од една недела маршираат низ Македонија, гневни откако нејзиниот претседател ги попречи кривичните истраги насочени против некои од водечките политичари во земјата… Претставници на ЕУ помогнаа да се постигне договор меѓу Владата и опозицијата за да се именува специјална обвинителка која ќе ги испита можните кривични дела содржани во снимките… Но, на 12 април претседателот на државата Ѓорге Иванов нареди да се стави крај на работата на специјалната обвинителка, која истражуваше 56 политичари. Повеќето од нив, вклучително и господинот Груевски, беа од ВМРО. Демонстрантите веднаш излегоа на улиците…, пренесуваше Економист во 2015 година, преку нивниот балкански известувач Тим Џуда.

Економист се уште нема пренесено за оставката и скандалот во кој е вмешана Катица Јанева.

Секако, сите овие написи не се ни споредуваат со одлуката на српската телевизија Н1 да го сними сега веќе славниот документарен филм Чарлиевите Ангели. Новинарката Робин Врајт, која работи на УСАИД проекти во Македонија, го претстави својот филм во средината на 2018 година, и од него произлегуваат сега веќе легендарните сцени во кои Катица Јанева ги строи обвинителите за време на состанок во СЈО, а Фатиме Фетаи пуши и гестикулира додека обвинителите притискаат осомничени преку телефон. Последниот коментар на Врајт на социјалните мрежи, поврзан со Македонија, е за балканската иницијатива на Емануел Макрон – ниту збор за сомнежите против обвинителката за која пред година дена сними едночасовен филм.

1

Најчитани вести