Од Команијата „Супертрејд“ излегоа со демант во врска со објавите во одредени медиуми дека тие, Владимир Стајиќ и „Галф Оил“ имаат некаква поврзаност со осомничените во случајот „Рекет“ или со тоа што тие го правеле.

Тие остро ги отфрлаат наводите дека осомничениот Зоран Милески, познат како Зоки Кичеец, е дел од сопственичката структура на компанијата, како и пишувањата возилата на Стајиќ имаат некаква поврзаност со случајот „Рекет“.

Тие најавуваат тужби за медиумите кои објавиле лажни вести, а добиените пари ќе ги пренаменат за стипендирање на млади истражувачки новинари и во хуманитарни цели.

Реакцијата на „Супертрејд“ ја пренесуваме интегрално:

Почитувани медиуми,

По објавата во одредени медиуми за поврзаност на Владимир Стајиќ, „Супертрејд“ и „Галф Оил“ со лица обвинети во случајот „Рекет“ и нивните активности, ја користиме оваа прилика да ја демантираме лажната вест која што се објавува во македонските медиуми.

Документите кои Ви ги испраќаме во прилог целосно ја демантираат поврзаноста на нашата компанија со лицата. Јасно и недвосмислено ги отфрламе лажните вести кои го посочуваат лицето Зоран Милески како еден од членовите на нашата сопственичка структура. Компанијата „Супертрејд“ е семеен бизнис започнат во далечната 1991 година и од тогаш до денес истата компанија претставува 100 отсто сопственост на фамилијата Стајиќ. Истото може согласно Законот за достапност на информации да биде лесно проверено и докажано, но во интерес на демантирањето на овие лажни вести, во прилог Ви ја праќаме тековната состојба на компанијата.

Наводните гласини дека возилата во сопственост на Владимир Стајиќ се поврзани со случајот „Рекет“ се исто така невистини, а во прилог на овој демант Ви ги испраќаме и документите за нивна купопродажба.

Ваквите лажни вести и обвинувања за Владимир Стајиќ, „Супертрејд“ и „Галф Оил“ нанесуваат голема штета на угледот на нашата компанија и на нашите глобални партнери. Со оглед дека невистините кои се објавени го нарушуваат и угледот на „Галф Оил“ како еден од водечките светски производители на горива, сакаме да го најавиме стартот на нашата правна битка против невистините и лажни вести кои се креирани со цел да се наруши имиџот на компаниите наведени погоре.

Доколку оваа наша тужба за клевета биде потврдена од страна на судските инстанци во нашата држава, надоместокот ќе го донираме во стипендирање на младите истражувачки новинари и во хуманитарни цели.

Со почит,

Супертрејд ДООЕЛ Скопје

7

Најчитани вести