Министерството за правда подготви нов Предлог-закон за Јавно обвинителство во кој се здружуваат постојните капацитети на СЈО и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во: „Јавно обвинителство за гонење криминал и висока корупција“.

Од министерството појаснуваат дека надлежностите од двете постојни јавни обвинителства преминуваат во новоформираното Јавно обвинителство, кое продолжува да ги води започнатите постапки во фазата во која се преземени. Воедно, како што се додава, се обезбедува континуитет во функционирањето: Обвинителите и истражителите кои работеле досега, ќе продолжат да ја вршат својата работа во ова обвинителство.

Јавното обвинителство за гонење криминал и висока корупција ќе биде надлежно за најсложените форми на организиран криминал и висока корупција, позната како корупција на белите јаки. Така се дефинирани и неговите надлежности како здружување од надлежностите на двете постојни јавни обвинителства.

Клучната гаранција, додава Министерството за правда, е финансиската независност која претставува основниот столб и предуслов за независност на секоја институција, па и на Јавното обвинителство.

Висината на средствата за работа на ова Јавно обвинителство се утврдува врз основа на предлог Буџет и финансиски план на Шефот на ова Јавно обвинителство, кој го доставува до Јавниот обвинител и Министерството за финансии. Овој предлог, Шефот на обвинителството го изготвува земајќи го во предвид буџетот за претходната година во консултација со Јавниот обвинител на РСМ.

Понатаму, според предлог-законот, Владата и Собранието не можат да го менуваат предложениот финансиски план и се должни да ја обезбедат финансиски средства за непречена работа. Исто така, ова обвинителство може да поднесе и дополнителни барања за финансирање за зголемени активности на работа.

Платата на шефот на ова Јавно обвинителство, како што се предлага во законот, се утврдува на износ од 5проценти помала плата од Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, а платата на Јавните обвинители во ова обвинителство е во висина на плата на Шеф на раководител на вишо јавно обвинителство.

Од министерството предлагаат и додатоци на Јавните обвинители за посебните услови за работа за постоење на висок ризик и за доверливост, како и за додатоци на плата за истражители, како едно од најзначајните алки за успешно спроведување на кривичните постапки.

Со законот е зајакната и личната независност на јавните обвинители и предвидена е гаранција согласно која јавните обвинители од ова јавно обвинителство не може да бидат времено упатувани да вршат јавнообвинителска функција во други јавни обвинителства. Значајна гаранција е дека Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, без согласност од Јавниот обвинител на Јавното обвинителство за гонење на криминал и висока корупција, не може да преземе кривично гонење или вршење одредени работи за кои е надлежно ова обвинителство, ниту пак да овласти друго Јавно обвинителство да води постапки за предмети за кои е надлежно ова Јавно обвинителство. Од ова правило, постои само еден исклучок, а тоа е доколку при надзорот се утврди дека јавнообвинителската функција не се врши согласно роковите утврдени со Законот за кривичната постапка.

Значајна гаранција во постапувањето на ова Јавно обвинителство е одредбата согласно која Jавниот обвинител самостојно ќе бара меѓународна правна помош и соработка за прашања што се од негова надлежност, а не постапката да се води преку повисокото обвинителство.

Во однос на функционирањето на ова обвинителство, значајна е одредбата дека Јавниот обвинител на ова обвинителство дава предлог за бројот на јавните обвинители во ова обвинителство, и тоа во зависност од потребите, сложеноста и обемот на работа. Крајната одлука за ова ја донесува Советот на Јавните обвинители.

Имајќи ја предвид сложеноста на работите коишто ги врши ова обвинителство, предвидени се гаранции за раководителот на обвинителството, по завршувањето на неговиот мандат.

Министерството вели дека гаранции во законот се предвидени и во однос на постапката за разрешување на Јавниот обвинител на ова Јавно обвинителство за да се избегнат сите можни влијанија во неговата работа.

„Вградивме одредба согласно која, првиот човек на ова Јавно обвинителство може да се разреши единствено со двотретинско мнозинство од вкупниот број членови на Советот на Јавните обвинители. Со преодните одредби, предвидуваме законот да отпочне да се применува на 15 септември“, велат од Министерството за правда.

Преодните одредби во овој закон ги решаваат и прашањата за постојните избрани јавни обвинители. Шефот и јавните обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење криминал и корупција продолжуваат да ја вршат својата функција во новоформираното Јавно обвинителство, до завршување на маднатот.

Исто така и јавните обвинители во постојното СЈО продолжуваат да ја вршат својата функција како јавни обвинители во новоформираното јавно обвинителство.

Постојните вработени и истражители во постојните обвинителства преминуваат во новоформираното обвинителство, како и архивата, материјалните средства и опремата.

Министерството за правда го испраќа овој закон во владина процедура и се очекува истиот влезе во собраниска процедура следната недела.

извор: Makfax

Најчитани вести