Loading..

Одговорноста е индивидуална, но и институционална. Горката вистина е следнава:

Не може двете постапки, а посебно нивниот исход, да се третираат одделно и независно. Доколку во едната постапка (Рекет) се докаже дека имало противзаконито влијание врз друга постапка (Империја), тогаш втората мора да биде прекината. Без разлика во која насока било влијанието, вели во својот фејсбук статус поранешниот пратеник Павле Богоевски.

Како што додава тој, Катица Јанева е единствената која донесува и потпишува одлуки. Впрочем, нејзината функција е Специјален јавен обвинител. Што се однесува до правниот систем, таа е СЈО. Во институцијата и во судниците, сите други Обвинители и Обвинителки се нејзини заменици.

Јас се уште, многу искрено (иако можеби и малку наивно), верувам во чесноста на речиси сите други обвинителки и обвинители во СЈО. Верувам во нивната професионалност и пожртвуваност, во нивната посветеност на борбата. Но, ако се докаже дека имало противзаконито влијание во една од постапките за кои е надлежна единствено специјалната јавна обвинителка, тогаш сметам дека треба да се ревидираат сите постапки кои таа обвинителка и тоа обвинителство ги водело. Ова не значи дека сите постапки ќе пропаднат, туку само оние кај кои би било утврдено противзаконито влијание. Сите се сеќеваме како Катица Јанева тврдеше дека немало потреба да се бара притвор за Груевски пред тој да избега. Се сеќеваме дека во поплавата во СЈО, освен списите за Империја, беа опфатени и списи за уште два предмети. Се сеќеваме и на низа други работи кои засебно не укажуваат на ништо незаконско, но во контест на последните настани побудија сомнеж во целокупното постапување на Специјалната Обвинителка (за жал, со тоа и неизбежно на СЈО во целост).

Не може да има владеење на правото и правна држава без фер и правична постапка за сите. За СИТЕ без разлика дали, политички кажано, се од „нашите“ или од „нивните“ и без разлика дали повеќето од нас овие „оштетени“ ги сметаме за најголемите криминалци кои некогаш постоеле во државава.

Сега, Собранието мора да најде законско решение со кое СЈО ќе се внесе во редовниот обвинителски систем и ќе биде подложно на сите мерки на контрола и надзор како и останатите Обвинители. Мора да се најде и модус за проверка на евентуално незаконско влијание во другите постапки, кој нема да им наштети на постапките кои се водени законски. И да, мора да се прекинат постапките кои се отворени по рокот предвиден во Законот за СЈО и нивното гонење да се препушти на Јавното Обвинителство. Ова најмногу ме боли, посебно за случајот Талир. Ама законите мора да важат за сите, нели?

п.с. Иако деновиве се чуствувам одвратно, не се каам ниту за една секунда помината на улиците барајќи правда. Борбата мора да продолжи!

 

Најчитани вести