Loading..

Хип-хоп фестивал во Хрватска мораше да биде евакуиран откако во близина избувна шумски пожар.

Полицијата ги посоветува организаторите да дејствуваат откако силните ветришта почнаа да претставуваат закана, ширејќи го пожарот се поблиску до местото на фестивалот на островот Паг.

Посетителите беа пренесени до еден паркинг, доволно далеку од пожарот.

Видео објавено на социјалните медиуми покажува како публиката го напушта фестивалот, додека шумскиот пожар беснее во позадина, пренесува „Еуроњуз“.

Организаторите велат дека не се пријавени жртви.

„Можеме да потврдиме дека имаше шумски пожар во близина на плажа Зрце минатата ноќ“, изјави портпаролот на фестивалот.

„Откако бевме посоветувани од страна на полицијата и службите за итни случаи да го евакуираме фестивалот поради силни ветришта, ги насочивме посетителите кон паркингот во близина на клубот ‘Ноа’ кој беше на безбедно растојание од пожарот“.

Портпаролот додаде дека безбедноста на посетителите на фестивалот е најважна и дека тие работеле заедно со службите за итни случаи да го спречат пожарот и понатаму да се шири.

Службите за итни случаи се уште работат на гасење на пожарот, поради што останува нејасно дали тоа ќе влијае на денешните планирани изведби, изјави портпаролот на фестивалот.

Тој им се заблагодариме на сите вработени и на итните служби за справување со инцидентот на безбеден и професионален начин.

„Ние исто така би сакале да искажеме голема благодарност до сите посетители за нивната трпеливост и меѓусебна поддршка“.

извор: Makfax

Најчитани вести