Женски прсти со црвен лак бројат и ги редат во скапа торба (Луи Витон) дел од 1,5 милиони евра кои им биле исплатени на Бојан Јовановски (Боки 13) и Зоран Милески (Зоки Кичеец) во случајот Рекет. Ова го има на дел од видео материјалот кој е доказ во случајот Рекет, дознава Вечер.мк од извори во истрагата.

Таа е отворена на барање на земја членка на ЕУ, чиј почесен конзул во земјава е рекетираниот бизнисмен. Нашите информации велат дека барањето за определување ПИ мерки пристигнало преку Амбасадата до Судот, за да се заобиколи влијание на домашни инстанци на процесот. По ова, Судот дозволува определување следење за осомничените.

Што има истрагата до сега? Има видео и аудио материјали од осомничените, од сведокот во случајот, но и разговори со женско лице, чиј идентитет е утврден, но треба да се потврди.

- Не сум сељак како Зоки Кичеец да ти пратам во црна ќеса, во Луи Витон од скапите ќе бидат наредени, вели машко лице во разговор по телефон на женско лице кое се смее на оваа забелешка.

- Добро, рачунај дека со нас работата е завршена, а и до Апелација ќе средиме. На Врховен, таму се ваши, му вели женското лице на машкото.     

Чиј е овој женски глас треба да покаже истрагата на обвинителството. 

Потоа парите се наредени во патната торба во апоени од по 50 евра, со спецификација од банка дека се чисти и податок колку има во торбата. Торбата е Луи Витон, платена 3.500 евра.

И торбата е испратена на крајна дестинација. Според податоците од истрагата, требало да бидат исплатени 8 милиони евра, а исплатени се 1,5 милиони, со договор останатите да бидат исплатени на рати.

Обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска вчера посочи дека осомничените се поварат за награда од противправно дејство дело – влијание врз обвинител, и перење пари.

Не беа соопштени детали за кој обвинител станува збор. Но, синоќа, по налог на ОЈО, полицијата и го заплени телефонот на специјалната обвинителка Катица Јанева, запленети се компјутерите на Лазар Јанев, шеф на правна служба во 1Тв и син на Катица Јанева и Бојан Јовановски.

Одговарајќи на новинарско прашање за евентуална вмешаност на обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова во случајот Рекет, Рускоска посочи дека не  сака да зборува за имиња. Рече дека засега нема причина да бидат повикани во Судот, но дека очекува деновиве истрагата да се прошири.

Според информации на Вечер.мк кои засега официјално не се потврдени, финансиската полиција правеше истрага за перење пари за лицето Бојан Јовановски во 2015 и 2016 година. Се истражуваше како на нерезидентната сметка на Боки во една македонска банка се слеваат огромни суми на пари од Хрватска, кои потоа тој ги префрлал на трансакциските сметки на мајка му Јасмина и татко му Миле Јовановски. Во 2017 година, истрагата чудно се затвори во фиока.

На последната седница за пратенички прашања, Премиерот Зоран Заев минатиот месец потврди дека имало предистрага за Коки, Кики и останатите во ОЈО, но дека органите треба да си го кажат своето.

 

 

Најчитани вести