Министрите за надворешни работи на 28 земји-членки на ЕУ ја усвоија првата серија санкции против Турција поради истражувањето за гас и нафтени ресурси во водите кај Кипар, по што официјална Анкара одговори дека нема да се откаже од своите активности.

Шефовите на дипломатиите на ЕУ минатата ноќ соопштија дека ќе ги прекинат разговорите со Турција во врска со договорот за авиосообраќај, дека ќе побараат од Европската инвестициска банка да ги разгледа заемите што ги дава за Анкара и дека следната година ќе ја намалат финансиската помош за Турција, објави агенцијата АП.

Министрите за надворешни работи, исто така, предупредија дека се работи на дополнителни мерки за санкционирање на Турција, која преговорите за пристапување во Унијата ги започна уште во 2005 година.

Турското Министерство за надворешни работи денеска објави дека одлуките на ЕУ за ограничување на контактите и финансирањето на Анкара, поради дупчењето во потрага по гас и нафта во близина на крајбрежјето на Кипар, нема да влијаат врз решеноста на Турција да ги продолжи своите енергетски активности во регионот.

Во соопштението се вели дека фактот што ЕУ не ги споменува кипарските Турци во своите одлуки донесени во понеделникот на состанокот на министрите за надворешни работи, ја покажува пристрасноста на ЕУ кога е Кипар во прашање.

извор: Makfax

1

Најчитани вести