Ова што се случува во државата мора да заврши со предвремени парламентарни избори, изјави денеска лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за Алсат М. Тој најави дека не се разговара само за законот за обвинитекство, односно СЈО, туку и за предвремените избори кои тој ги очекува.

Тој спомена неколку случаи во кои високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ биле токму жртва на политичкиот прогон кој го спроведуваа Заев и СДСМ, но партијата е спремна овој притисок да го издржи. Мицкоски напомена и неколку корупциски и криминални скандали во кои се вмешани високи функционери на власта, па ги потсети дека и за нив ќе важи членот 353 став 5 од Кривичниот законик кој се однесува на злоупотребата на службена должност.

Ние како ВМРО-ДПМНЕ, како структура подготвени сме на овој политички прогон, политички терор. Но ќе ги потсетам на она што го напишав на крајот од мојата колумна вчера. И Зоран Заев, но и сите функционери на СДСМ и оваа влада, тоа што си го дробеле, тоа ќе го сркаат. Членоt 353 став 5 ќе важи и за нив, вели Мицкоски.

– Апелирам за разум, да се седне и да се повикаат пратеничките групи и да се организираат предвремени парламентарни избори. Граѓаните нека одлучат дали овие политики на политичари ќе ја добијат поддршката или ќе дојде некоја нова генерација на политичари, изјави Мицкоски.

Прашан дали се можни протести и порадикални мерки, Мицкоски, рече дека секогаш организирање на мирни протести се опција за било која опозиција, без разлика дали во таа опозиција ќе биде само ВМРО-ДПМНЕ или и останатите опозициони партии.

Прашан дали е можен договор за Законот за јавно обвинителство, Мицкоски, рече дека нема амбиент во државата за да функционира политичкиот дијалог меѓу позицијата и опозицијата.

– Во овие услови вакви, какви што се. Под политички прогон и терор, конструирани обвиненија, нарачани пресуди и прогонот што се прави врз ВМРО-ДПМНЕ, врз сегашни и поранешни функционери, едноставно нема амбиент. Не е само законот за ЈО на маса, сега на маса треба да се најде и темата кога предвремени парламентарни избори, изјави Мицкоски.

За тоа какви се односите на ВМРО-ДПМНЕ со албанските партии и дали тој како лидер се сретнал со нив, Мицкоски рече:

- Имаме средби, разговараме. Загриженоста е присутна и во едниот и во другиот блог. Споделуваме иста мака, маката се вика моментална влада во Република Македонија. Се разбира дека комуницираме. И со ДУИ имаме комуникација. Во рамките на Парламентот, пратеничките групи комуницираат. Јас имам комуникација со господинот Али Ахмети, рече Мицкоски.

Во однос на Преспанскиот договор и како ќе постапи ВМРО-ДПМНЕ доколку дојде на власт, Мицкоски рече дека ставот на партијата за договорот останува ист.

– Рековме дека ова е капитулантски договор и задира директно во посебноста на македонскиот народ, нација и во македонската држава. Потребно е да се спомене фактот дека за да се случи чекор назад, правно и легалистички за што се бори и залага ВМРО-ДПМНЕ, на нас ни се потребни 80 пратеници во Собранието и услов од Бадентер. Се што е надвор од тоа ќе биде обична лага, конструкција и обид за манипулација, изјави Мицкоски.

1

Најчитани вести