Loading..
ФОТО: Република

Викендов од 12 до 14 јули, по 46-ти пат, на падините на планината Бистра, во живописниот Галичник, ќе се одржи традиционалната културно-сценска манифестација Галичка свадба. Неколкуте илјади посетители од земјава и странство кои се очекува да пристигнат на оваа автентична манифестација, одново ќе имаат можност да уживаат во уникатните свадбарски обичаи и ритуали, проследени со богатиот колорит на народните носии и изворните песни и ора карактеристични за овие краеви од Македонија. Во центарот на вниманието и на годинешната најпозната македонска свадба ќе бидат галичката невеста Марина Петровска и младоженецот Огнен Караѓозовски, кој по потекло е од Галичник.

Како организатори на оваа манифестација сме особено задоволни што и годинава на најдобар можен начин ја продолжуваме вековната традиција на Мијаците, како дел од македонското културно богатство. Галичката свадба е светски позната и призната културна и туристичка манифестација, која придонесува за промоција на нашата земја и на сите нејзини убавини. Тоа, како и сѐ поголемиот број посетители на оваа манифестација, за сите нас претставува дополнителен мотив да продолжиме да вложуваме максимални напори да ја одржиме и постојано да ја збогатуваме“, вели Александар Костиќ од организацискиот тим на Месната заедница Галичник.

Покровител на годинешната Галичка свадба е Претседателот Стево Пендаровски.

 

Како и секоја година, почетокот на годинешната Галичка свадба ќе биде означен в сабота, на 13-ти јули, со поставување на свадбарското знаме и симболичниот чин на „фрлање“ три пушки од куќата на зетот. Венчавањето на младенците ќе се изврши в недела, во храмот „Св. Апостол Петар и Павле“ во Галичник, а свеченоста ќе заврши со чинот на испраќање на тапанџиите и зурлаџиите.

Традиционално, со одржувањето на Галичката свадба ќе се означи и почетокот на „Галичкото културно лето“, кое и овојпат се очекува да понуди најразлични забавни и музички содржини, прилагодени за сите генерации посетители.

За да можат сите посетители да уживаат во убавината и автентичноста на годинешната Галичка свадба, во деновите на одржување на манифестацијата, особено в недела, ќе биде воспоставен специјален сообраќаен режим, за кој организаторите апелираат доследно да се почитува.

Секоја година за време на Галичката свадба, се почитуваат голем број на обичаи кои ја карактеризираат оваа свадба: чукањето на тапаните, свекрвино оро, носењето на невестата на вода, поставувањето на свадбарскиот бајрак, канењето на мртвите, бричењето на зетот, земањето на невестата, замесувањето на лебот, венчавањето во црквата „Св. Петар и Павле”, и други обичаи, кои полека изумираат но кои во себе содржат и кријат многу детали од животот на Галичанецот во минатото.

Во Галичник сега живеат само двајца жители, но на Петровден има над 5.000 посетители и туристи кои доаѓаат да ја гледаат оваа Галичка свадба.

За одржувањето на оваа манифестација која е инспирирана од желбата на жителите на Галичник да ги сочуваат од заборав обичаите карактеристични за мијаците веќе се направени сите подготовки.  На манифестацијата ќе бидат ангажирани стотина статисти облечени во автентични галички носии. За изведување на традционалните ора и игри ќе бидат задолжени триесетина членови на КУД „Фолклорни бисери“. Предвидена е и коњица со коњаници, луѓе кои ќе бидат техничката поддршка, односно вкупно околу 250 луѓе.

Традиционално, почетокот на свадбата се означува во сабота со китењето на свадбарскикот бајрак со горско цвеќе и симболичниот чин на „фрлање“ три пушки од куќата на зетот (вила „Доста“). За ова време се пее стара песна со овие стихови:

„Стани моме да би не станало
по ридови с’лнце огреало.
По чардаци крстати бајраци,
по дворови китени сватови
по прикледи шарени ковчези
а пред кледи млада зетелина
и во кледи свршена девојка!“

Од другиот крај на селото треба да грмнат тапаните и ѕурлите, а мајката на зетот ги дочекува семејството и роднините со домашен леб и со ќуп во рацете, по што го поведува „Свекрвиното оро“.

Една од највпечатливите слики и е посебна атракција е поврзана со обичајот за симболичното терањето на демоните што би можеле да ја следат младата двојка. Зетот, кумот и други пријатели носат запалени факели до куќата на младата. Свитата со факелите го осветлува патот до трите чешми, каде младата за последен пат како немажена ги полни бокалите со вода.

Утредента се изведува еден оригинален обичај „канење на мртвите“. Токму за овој обичај еден од најпознатите македонски литерати Петре М. Андреески ќе запише…Животот никогаш не смее да биде слава само на живите, зашто и мртвите некогаш биле живи, зашто и живите еднаш ќе бидат мртви и голем грев е нивната врска да се прекине.

Од гробиштата, се оди до куќата на кумот од кого младенецот бара благослов. Највпечатлив обичај е бричењето на зетот што означува не­гова трансформација од момче во човек. Потоа следува потстрижување. Во неговата потстрижена коса се става дукат, како симбол на богатство и потомство.

По овие обичаи следува одењето до куќата на младата. Таа облечена во традиционална га­лич­ка носија, го дочекува младенецот на балконот од нејзината куќа. Тогаш таа изговара, гледајќи низ прстенот: „Низ прстен те гледам во срце да ти влезам“.

Качена на коњ младата заминува во куќата на нејзиниот иден маж. Свекрвата со сито,погача и бокал со вино ја дочекува невестата, која слегува од коњ и по прострената литовина влегува дома. По венчавањето во црквата „Св.Петар и Павле“, невестата се носи на вода на чешмата „Упија”, потоа се изведува невестинското оро, ги дарува најблиските, се крши „шутката” и по завршувањето на свадбарските обичаи тапаните и зурлите ги испраќаат најблиските роднини.

Особено впечатлив белег на целата манифестација претставуваат колоритните носии на сите учесници во свадбената свеченост. Учесниците го имаат само тој услов, да бидат облечени во автентична галичка носија за учество во „Галичка свадба“.

Посебна атракција е и невестинската носија која сама по себе е уникатна. На неа преовладуваат белата, жолтата и црвената боја и доминантен е богатиот вез распореден на ракавите и на предниот дел од кошулата. Составен дел од невестинската носија е и филигранскиот накит со уникатни златни и сребрени елементи. Сиот комплет може да тежи и до 30 килограми.

„Галичка свадба“ меѓу деветте фестивали во Европа кои мора да се видат

Со ваков наслов влијателниот „Њујорк тајмс“ минатата годинава ја препорача Галичката свадба. Кадри од овој анстан можат да се видат на многу телевизиски канали. Токму заради значењето и оригиналност напишани се многу текстови, објавени фотографии во светски магазини, видео записи, специјални емисии. На свадбата постојано доаѓаат странски дипломати, државници и познати личности. Така ќе биде и годинава и според најавите, ќе има и многу туристи од странство и новински екипи.

Интересот за годинешното издание на свадбата е големо, а тоа го потврдува и податокот што сместувачките капацитети во мавровскиот регион се полни и речиси да нема слободен кревет за претстојниот викенд.

На тоа се должи и програмата која ќе биде во неформалниот дел и ќе биде во функција да ги анимира посетителите. Членови на македонската филхармонија, здружението на џез музичари и дирегентот Емин Џијан денеска ќе приредат концерт на платото, а во утре вечер ќе настапат и „Бенд Оф“.

Најчитани вести