Експертите од Националниот музеј во Дамаск почнаа со реставрација на aнтичките плитки релјефи од Палмира делумно уништени од милитантите на терористичката Исламска држава, изјавидиректорот на музејот, Оман Саад, пренесува ТАСС.

„Овие делови беа донесени од Палмира по првото ослободување, кога сириската армија го ослободи градот и ги транспортира сите овие делови во музејот. Како што можете да видите, сите овие скулптури биле уништени од милитанти на ИД. Пред ИД да ја заземе Палмира, бевме таму и зедовме дел од скулптурите заради безбедност, меѓутоа некои останаа таму. Кога дојде ИД, почна да ги уништува преостанатите скулптури, најпрво осквернувајќи им ги лицата, а потоа и останатите скулптури. Сега, тим експерти пристигна во Дамаск за да почне реставрација “, рече Саад.

Специјалистите ги разгледуваат старите фотографии за да ги обноват уништените уметнички дела, користејќи варовник донесен од Палмира.

Реставрацијата е финансирана единствено од сириската влада, без помош од меѓународните организации како УНЕСКО.

„Според мое мислење, ова е политичко прашање. Претходно, во 2014 и 2015 година, тие помогнаа, но сега не добиваме помош. Ова се однесува не само на УНЕСКО, туку и на други мисии кои работеле тука. Многу нмалку организации помагаат сега “, истакна Саад.

Саад не беше во можност да го одреди точното време на процесот на реставрација. Според него, процесот може да се забрза со помош на меѓународната заедница.

„Тешко е да се каже, потребна ни е помош од сите што можат да ја обезбедат – различни мисии, сите заинтересирани за одржување на културното наследство. Телевизиите и списанијата секогаш ја истакнуваат важноста на одржувањето на локалитетите од културното наследство, но тоа не го гледаме во пракса, нема помош”, заклучи тој.

Палмира, честопати нарекувана Невеста на Сириската пустина, била значаен центар на трговијата и културата на крстопатот на трговските патишта во античките времиња. Таа го достигна својот зенит во 1. и 2. век од нашата ера. Голем број славни архитектонски споменици се однесуваат на тој период.

УНЕСКО ја стави Палмира на својата листа на светско културно наследство. Исламските милитанти кои ја контролираа Палмира од мај 2015 до март 2016 година и од декември 2016 до март 2017 година, уништија голем број антички споменици.

извор: Makfax

22

Најчитани вести