Министерот за надворешни работи, Никола Димитров денеска се сретна со новоименуваниот амбасадор на Соединетите Американски Држави, Кејт Мари Брнз, која му ги предаде копиите на акредитивните писма за нејзино именување за амбасадор на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија.

Димитров, посакувајќи ѝ на амбасадорот Брнз срдечно добредојде и успех во вршењето на функцијата, изрази очекување дека исклучително позитивниот тренд на односите меѓу двете пријателски земји ќе продолжи успешно да се развива и за време на нејзиниот мандат.

„Доаѓате во време на можности. Имаме многу направено во правец на исполнување на нашите клучни стратешки цели, иако останува уште работа пред нас. Нашиот прогрес ќе овозможи позитивно да влијаеме врз европскиот и евроатлантскиот пат на регионот “,  изјави министерот Димитров.

Министерот се заблагодари за континуираната и цврста поддршка од САД за остварување на евроатланските аспирации на нашата држава, со увереност дека истата ќе продолжи со несмален интензитет и во иднина.

Амбасадорот Брнз изрази задоволство од можноста да работи и лично придонесе во зајакнувањето на односите меѓу двете држави. Во таа насока истакна: „Извонреден напредок е направен во Северна Македонија. Важно е да се искористи овој моментум кон отворање нови можности и перспективи за државата.” Таа ја повтори поддршката на американската влада за продолжување на нашата реформска агенда.

Соговорниците оценија дека билатералните односи, засновани на стратешкото партнерство и постојаниот политички дијалог, се блиски и пријателски. Беше нагласено дека во претстојниот период и двете страни посветено ќе работат на понатамошно продлабочување и севкупно интензивирање на соработката, а врз основа на споделените заеднички цели, интереси и вредности.

извор: Makfax

Најчитани вести