Тропската бура која се формира над Мексиканскиот Залив би можела да прерасне во ураган и да го погоди Њу Орлеанс кој е веќе поплавен.

Метеоролозите велат дека бурата би можела да премине во ураган до крајот на денот, а просечната брзина на ветрот изнесува околу 55 киломери на час.

Како што јави „Гласот на Америка“, според прогнозите, денеска и утре во западниот дел на Тексас и во Луизијана се очекува да наврнат меѓу 25 и 30 сантиметри дожд.

Тропската бура, за која се очекува да стане ураган наречен „Бери”, би можела да удри западно од Њу Орлеанс на реката Мисисипи.

Њу Орлеанс е веќе под вода поради поројните дождови претходните денови. Поплавен е и историскиот Француски кварт.

Тексас го подигна степенот на предупредување и подготвува центар за вонредни ситуации.

„Сакаме да ја обезбедиме државата Тексас поради она што би можела да го донесе бурата“, изјави гувернерот на Тексас, Грег Абот.

Превентивно се затворени една третина од постројките за преработка на сурова нафта во Мексиканскиот Залив, а нафтените платформи се евакуирани.

извор: Makfax

Најчитани вести