Седум лица загинаа во страшното невреме на северот на Грција. На полуостровот Халкидики е прогласена вонредна состојба.  

Директорот на медицинскиот центар во Неа Мудања, Атанасиос Калцас изјавил дека во болницата е примен голем број луѓе, а дека најмладиот пациент е 8-месечно бебе. 

Од полицијата, пак, изјавиле дека меѓу загинатите има двајца постари туристи, татко и 2-годишен син од Русија, како и жена и 8-годишно дете од Русија. 

Двајцата Чеси загинале кога ветрот ја превртел нивната приколка. Потешко е повреден и нивниот син, додека 19-годишниот внук поминал без повреди. 39-годишниот Русин и неговото синче ги загубиле животите кога над нив се урнало дрво, во хотелски комплекс во Неа Потидеа. Мајката и ќерката од Романија загинале кога ги поклопил кров од кафеана каде побарале заштита. 

Крајбрежната стража соопштила дека во реонот на Неа Каликратија исчезнал 62-годишен рибар. Тој отишол да лови риби околу 18 часот и оттогаш му се губи трага.

Без струја се местата Касандра и Ситонија, а дрвото кое паднало на патот од Метаморфозис до Никити го прекинало сообраќајот. Бурата за која велат дека е најголема во изминатите неколку децении носела се пред себе, а во Потидеа дошоло и до помал ураган. 

Метеоролозите предвидуваат дека врнежите ќе продолжат до вечерва. Меѓу погодените летувалишта се и Пефкохори, Ханиоти, Неос Мармарас, Калитеа и Никити. 

 

37

Најчитани вести