ВИЕ И ВЕЧЕР НА ПРОШЕТКА НИЗ МАКЕДОНИЈА

Козјак станува вистинска хит-дестинација за изградба на викенд-куќи и хотели. Само во населбата Близанско се планирани 540 викенд-куќи. Таму, но и во Здуње и Белица досега се продадени 260 локации со големина од 300 до 800 квадратни метри, а набргу на продажба ќе се дадат уште 80. Издадени се градежни дозволи за два хотела. По течението на реката Треска отстапуваме место за изградба на ресторани, маркети, мотели..., тука ја гледаме основата за развој на туризмот во Македонски Брод, ни рече градоначалникот на општина Македонски Брод Милосим Војнески

Македонија нема море ама има брод. Македонски Брод. Додуша, од пред десетина години го има вештачкото езеро Козјак, сместено на самиот влез на Поречијата, кое се уверивме, одлично му прилега на Брод. Езерото, како отсекогаш да било дел од целокупниот амбиент. Онака диво распослано во кањонот каде некогаш беа села, сега има пософистициран изглед. Новоизградените викендички и хациенди, како да покажуваат дека овде наскоро ќе никне елитна населба.

Екипата на Вечер имаше ексклузивна можност од метрополата кон центарот на Македонија да патува преку мистичниот резерват Јасен. Возејќи се по тесниот коловоз каде не е возможно да се разминат два автомобила, имавме чувство како да влеговме во сценариото на некој холивудски трилер, па нашата авантура доби малку поинаква димензија. Всушност, кога влеговме во дивината, неколкупати се запрашавме дали сме на вистинскиот пат иако не беше можно да го промашиме оти немаше алтернативна сообраќајница. Кулминација беше патот од излезот на Јасен кон Брод. Широката сообраќајница прекриена со макадам пред 14 години, не одолеала на чекање асфалт и денеска е целосно руинирана. На места има одрони, па затоа е и опасна за возење. За среќа, нашето службено "пежо 106" одлично си ја заврши работата, машки ја издржа вожњата иако напати наликуваше на амфибија, бидејки моравме да ги поминеме огромните локви полни со дождовница. Всушност, рутата која од Скопје преку Кичево се вози за час и половина ние ја минавме за четири часа, вклучувајќи ги и паузите за фотографирање на прекрасните пејзажи кои се исправаа пред нас.

Стигнавме во општинската зграда на Македонски Брод каде не очекуваа нашиот домаќин, градоначалникот Милосим Војнески, и неговите најблиски соработници. Никаде околу нас немаше луксуз, беше се скромно но, работно. И кабинетот на градоначалникот беше сосема едноставен. Закитен само со проектите кои се во тек, но и оние кои успешно се сработени, па дури и такви кои чекаат на ред. Вработените, заедно со градоначалникот, се скромни во се, но не и кога е во прашање промоцијата на општината. Е тука, сите ќе ви кажат исто. Оваа општина која според бројот на жители важи за една од помалите во државава последнава деценија се трансформира во модерна, еколошки здрава животна средина, со можности за развој на туризмот, со идеи кои ја ставаат на пиедесталот заедно со најдобрите.
- Козјак станува вистинска хит-дестинација за изградба на викенд-куќи и хотели. Всушност, најголема перспектива за развојот на руралниот туризам општината гледа во изградбата на викенд-куќи и хотелски капацитети покрај езерото. Тоа е најголемото вештачко езеро во Европа со должина од 32 километри. Нашата општина го презеде градежното земјиште во своја надлежност и се стекна со право на отуѓување. Со новиот Генерален урбанистички план и Деталните планови е предвидена изградба на цели населби. Само во населбата Близанско се планирани 540 викенд-куќи. Таму, но и во Здуње и Белица досега се продадени 260 локации со големина од 300 до 800 квадратни метри, а набргу на продажба ќе се дадат уште 80. Издадени се градежни дозволи за два хотела. По течението на реката Треска отстапуваме место за изградба на ресторани, маркети, мотели..., тука ја гледаме основата за развој на туризмот во Македонски Брод, ни рече градоначалникот на општина Македонски Брод. Војнески се надева дека неговата општина која е трета по големина во државава, но една од најмалите по население, набрзо ќе стане туристичка мека. Ни откри дека во план е селата Близанско и Здуње да се поврзат со трим-патека..

- Има вистинска борба за купување на овие плацеви кои се продаваат на електронска аукција со почетна цена од евро за квадрат, а која цена на наддавањето, во зависност од атрактивноста на плацот може да достигне и до 20 евра за метар квадратен. Најголем дел од купувачите и актуелните сопственици се познати политичари, бизнисмени, јавни личности..., вели Војнески и ни открива дека за изградба на хотелски капацитети има заинтересирани и странски компании. Спомена дека холандско-турска компанија е заинтересирана да вложи 100 милиони евра во изградба на хотелски комплекс која би отворила работни места за околу 200 лица.
- Иднината на нашата Општина освен во развој на туризмот, ловниот и риболовниот туризам, е во производство на здрава, еколошки чиста храна. Во селото Волче имаме производител на мед и пчелни производи со меѓународно признат сертификат, а сточар од Горно Крушје има сертификат за производство на органски здраво овчко месо, млеко и сирење. Всушност, ние сме еколошки најчиста општина во Македонија, се пофали нашиот домаќин. Тој потенцираше дека интензивно се работи на изградба или обнова на патната инфраструктура. Патот од Скопје до населбата Близанско е асфалтиран, а во наредниот период ќе се доасфалтира и патот од селото Белица до селото Близанско во должина од 20 километри, така што се добива целосно асфалтно поврзување на Брод со Скопје, кое ќе изнесува само 90 километри.
- Бенефитот од развојот на туризмот е многу голем за општина Македонски Брод. Прво ќе се отворат можности за голем број нови вработувања. Се надеваме дека со развојот на туризмот ќе престане и иселувањето од Македонски Брод, вели Војнески.

Најмала по жители, трета по територија
Македонски Брод е еден од помалите градови во Македонија и се наоѓа во Поречката област. Градот лежи на бреговите на горното сливно подрачје на реката Треска. Седиште е на истоимената општина која заедно со градот опфаќа 51 населено место, вклучувајќи ја и некогашната општина Самоков. Општината брои околу 7100 жители, а се протега на околу 900 километри квадратни и се вбројува во трета по големина во државава. Најголемиот дел, односно 70 отсто од територијата се шуми од кои најмногу букови стебла.

Невести Украинки и Албанки го креваат наталитетот
Како и во повеќето рурални средини, така и во оваа има голем број ергени кои до својата 40 година не успеале да најдат животна сопатничка, оти девојките најмногу сакале да се омажат во Скопје. Од тие причини, општина Македонски Брод почнала да организира тури до Украина и Албанија за момците оттаму да си најдат жена. Трошоците за посредништвото, патот и за администрирањето се на сметка на општината. Тоа, вели градоначалникот Војнески е стимулација за ергените да формираат семејства, а со тоа и да го зголемат наталитетот, кој последниве децении е под сите минимуми.
- Ние сме првата општина која почна да спроведува еден ваков проект кој некому може изгледа чуден, но според мене е многу благороден. Поврзани сме со неколку општини во Албанија и во Украина и тие оттаму прават список на девојки кои имаат желба да се омажат, а ние го правиме списокот на момчињата. Благодарение на заедничката акција, денеска се оженети 78 ергени и се родени 192 деца. Во моментов на листа на чекање се 28 момчиња. Според статистиката, најголем број кандидати се на возраст од 35 до 40 години, што е задоволителна старост за формирање семејство, вели Војнески. Тој појаснува дека невестите од Украина и Албанија се многу вредни жени и посветени мајки.

Свети Никола или турбе - еден храм за две религии
Точно 143 камени скалила на крајот на Македонски Брод водат до еден несекојдневен верски храм кој верниците го кријат од очите на јавноста, бидејќи не сакаат да стане туристичка атракција. А малиот објект, од каде градот се гледа како на дланка, има големо значење. За православните христијани тој е црква посветена на Свети Никола, а за муслиманите е познато како турбе.

Стариот катанец од портата пред која некој претходно оставил зејтин и пешкир за здравје, ни го отклучи домаќинот Жарко. За да влеземе во собата од околу 20-ина квадрати моравме да се наведнеме. Внатре, наспроти вратата имаше олтар, а на ѕидовите едни до други, беа наредени иконите на свети Илија, Девица Марија и Исус и слики од бектешкиот светец Алија. На средината на просторијата е гробот на бектешкиот светец Хадер Баба, а врз него имаше поредени дарови од кафиња и локум, до бројаници. Од страните покрај гробот беа послани муслимански простирки за молитва.

Нашиот домаќин ни раскажа дека овој објект е изграден во 14 век како црква изградена од кралот Урош Трети, која била опустошена кога во регионот дошле Турците Османлии. Но извесен Асан-беј повторно ја обновил во 18 век за да ја тргне клетвата од сарајот кој преку ден го градел, а ноќе се уривал.

Во Пешна живеат човечки рипки
На само шест километри од Македонски Брод се наоѓа пештерата Пешна. Оваа пештера го добила името по сестрата на Крале Марко - Пешна. Според легендата која и ден-денес се раскажува, уште во 14-тиот век опеаниот македонски јунак Крали Марко и изградил куќа на својата сестра Пешна на самиот почеток од пештерата, која подоцна почнала да се нарекува Пешна.
Ова ремек-дело на природата кое со својата величествена големина, својата грандиозност и убавина не остави без здив уште на влезот од пештерата каде не пречека жубор на силна река. Таа извира од езерото кое се наоѓа на 200 метри од влезот, а во кое спелеолозите откриле дека живее слепа риба со кожа на човек, слична на човечката рипка во Постоинска Јама. Од спротива, од десната страна се ѕидините од куќата на Пешна, а веднаш зад неа влезот во огромна пештера. Кај Пешна се откриени уште 15 пештери.
Отспротива, пак, има уште една тврдина на Дева, другата сестра на Марко. Според легендите, во двете тврдини живееле сестрите, а не ќерките на Крале Марко. Инаку, науката вели дека Пешна е локалитет од доцноантичкиот период во Македонија, зашто во близина на селото Слатина, пред пештерата е откриена гробница со свод од тули и страничен влез од западната страна.

Во Пешна на риба
Да се дојде во овој крај, а да не се пробаат специјалитетите од диви животни или риба е просто невозможно. Овде, секој маж е или страстен ловџија или риболовец. Ние уште од Скопје се стрвевме на прикажаните пастрмки во ресторанот Пешна кај Манастирец. Не се покајавме. Ресторанот е стар и нереновиран веројатно од седумдесеттите години на минатиот век, но просто бликаше со домаќинска атмосфера. За тоа придонесе и љубезниот персонал кој не угости како да сме им дома, на гости. Цепена или цела риба, сеедно. Превкусна е.

Елизабета АРСОСКА
ФОТО: Драги МИТРЕСКИ

Најчитани вести