Град Скопје во соработка со Општина Бутел ќе отвори сензорна соба во градинката „11 Октомври“ во населбата Радишани. Во собата ќе се третираат деца со развојни нарушувања и аутизам, а со нив ќе работи стручен тим составен од дефектолог, педагог, психолог, логопед и воспитувачи.

Целта на отварање сензорна соба е да се одговори на потребите на децата со развојни нарушувања и аутизам, како и да се подобри квалитетот на живот на децата и нивните семејства. Раниот и предучилишен период е клучен за развој на сензорната интеграција.

Сензорната соба ќе биде со површина од над 60 квадратни метри, со адаптиран тоалет за лица со попречености и одвоен влез од влезот што вообичаено се користи. Услугите во сензорната соба ќе може да ги користат децата од територија на општина Бутел. Работата со децата се изведува преку индивидуален пристап, а дневно ќе може да се опфатат 10 – 12 дечиња. Во собата за сензорна интеграција се предвидува и примена на музикотерапија.

Собата ќе се опреми со меки подови и ѕидови, интерактивна туба со вода, топчиња и меурчиња кои плутаат, ротирачка диско-топка, сноп од светлечки оптички влакна, рефлектор, огледални фолии кои го зголемуваат ефектот на целата преостаната опрема, аеросол-ароми за аромотерапија, вибрациона музичка фотелја, подлога во вид на перница, UV-ламба, кружен балансер со масажер и други елементи што треба да ги задоволуваат светските норми и стандарди за квалитет.

Град Скопје за оваа намена издвои буџет во висина од 700.000 денари за опремување на сензорната соба, а одлуката за воспоставување меѓуопштинска соработка помеѓу Град Скопје и Општина Бутел за финансиско учество за опремување на сензорна соба ќе биде на дневен ред на наредната седница на Советот на Град Скопје.

извор: Makfax

94

Најчитани вести