Преку Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид во првите шест месеци од 2019 година патувале 1,2 милиони (1.163.667) патници, што претставува пораст од 12 проценти во споредба со истиот период од 2018 година, соопшти ТАВ Македонија, аеродромскиот оператор.

Во исто време, вкупниот број летови на двата македонски аеродроми изнесува 9.792, со годишен пораст од 8 отсто.

„Со задоволство објавуваме дека двоцифрените стапки на пораст на бројот на патници на македонските аеродроми продолжуваат и во првата половина од 2019 година, кои што се повисоки од просекот на ЕУ од 5,9 проценти. Очекуваме порастот на бројот на патници да го задржи истото темпо и да биде уште поголем во третиот и четвртиот квартал од годината, поради отворањето на четирите нови дестинации од скопскиот аеродром: Баден-Баден и Бремен, отворени во март, Ларнака и Турку кои ќе бидат отворени на крајот на јули; и шесте нови дестинации од охридскиот аеродром: Малме и Милано, отворени во март, Дизелдорф и Штутгарт отворени минатата недела, како и Меминген и Дортмунд, кои ќе бидат отворени на крајот на јули“, изјави Алпер Ерсој, Генерален директор на ТАВ Македонија.

Меѓународниот Аеродром Скопје во моментов опслужува 42 дестинации, од кои 33 се нискобуџетни, управувани од 13 авиокомпании, додека Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид опслужува 20 дестинации, од кои 8 се редовни рути во текот на целата година но и нискобуџетни во исто време, од 13 авиокомпании.

Според уделот во патничкиот сообраќај, од јануари до јуни 2019 година, Истанбул (и двата аеродроми – Истанбул и Сабиха Гокчен) е најфрекфентната дестинација на Меѓународниот Аеродром Скопје со 10,1 проценти пазарен удел, по што следуваат Цирих (6,9%), Базел (5,4%), Виена (5,4%), Малме (4,3%), Братислава (3,4%).

Во однос на уделите на авиокомпаниите во вкупниот патнички сообраќај, Виз ер превезе најголем број патници во првите 6 месеци и има 65,1% удел на пазарот, по што следуваат Туркиш ерлајнс (7%), Аустријан ерлајнс (5,3%), Германија флуг (4,2%), Пегасус ерлајнс (3,4%), Кроација ерлајнс (2,9%).

Карго-сообраќајот на Меѓународниот Аеродром Скопје, исто така има голем годишен пораст од 31,7 проценти, достигнувајќи вкупно 1.960.388 килограми, во периодот јануари-јуни 2019 година.

Ако се гледа статистиката за воздушниот сообраќај на двата аеродроми одделно, Меѓународниот Аеродром Скопје во првата половина од годинава има 1.059.223 патници и зголемување од 8,5 отсто, додека Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид има 104.444 патници и 62.9 проценти годишен пораст.

Меѓународниот Совет на Аеродроми (ACI) го рангираше охридскиот аеродром како еден од првите три аеродроми во Европа според стапката на пораст на бројот на патници во првиот квартал од 2019 година, која изнесуваше 63,9 проценти.

извор: Makfax

119

Најчитани вести