Нема недела да помине а да нема читатели, фејсбук пријатели или познаник да ме праша: Добро, како можевме да си дозволиме да дојде до ова. Да загубиме се што има една држава и народ, пред свои очи, и да гледаме сеир како да е за некој друг.

 

Нема лесен одговор на ова лесно прашање. Напротив. Тоа е состојба на умот дотерувана со децении, па и подолго, за да бидеме избрани во експеримент за самоуништување. И се покажа дека изборот бил добар, и успешен за планерите.

 

Се има свој почеток, и своја причина. Да направиме реконструкција на денешното злосторство: генеза, причини, мотиви, акт на извршување, последици.

Ако прифатиме дека нациите се формирани во 18 и 19 век, ќе видиме дека во тој период немаме организирано вооружено движење, ниту поддршка од некоја голема сила за создавање македонска нација и држава, што не е без причина, за да се дојде до финалето - денешниот преспански договор, албанизацијата и отстапување на македонската историја на Бугарија.

 

Србија процесот го почнува прва, со востанието на Караѓорѓе во 1804 година поддржано од Русија. Во 1821 година се дигаат и Грците, на кои Западот им признава корени од Византија, предводени од здружението Филики Етариа и потоа од епископот Германос од Патра, поддржани од Британија и Франција, и секако од Русија. По руско-турската војна од 1877 година, и по бугарското Априлското востание од 1876 година Русија успева да ги потисне Османлиите од тој дел на Балканот. Во март 1878 по руската победа потпишан е Санстефанскиот договор по кој, со силна руска поддршка, е создадена денешната бугарска држава. Територијата на Бугарија, најголемиот руски сојузник, била од Црно море преку Македонија сосе Албанија, што било опасност за Србија, Романија и Грција, па затоа само три месеци подоцна на Берлинскиот конгрес воспставени се нови граници на новото кнежевство Бугарија, блиску до денешените. Албанија, со своето кнежевство се дигнала најдоцна, во 1913, по балканските војни, поддржана од Авструнгарија пред се за да се потисне Србија која за нив и Германија отсекогаш била најголем непријател на Балканот. Како тогаш, така и сега. И, што е најголем апсурд до ден денес, со поддршка на Србија во Албанија 1914-та доаѓа Есад Паша Топтани, и прогласува албанска држава.

 

Денешната Македонија е на територија која по Берлинскиот конгрес е дадена на Србија, а партизаните и Тито, во договор со Србите, го поддржале создавањето држава Македонија.

 

Накусо, тоа е редоследот на создавањето нации околу нас. Нас во тие времиња не нема. Нашиот прв обид, Илинденското востание во август 1903. е неуспешен. Заев преговара и подготвен е и тој единствен белег на нација да го загубиме. Нашето востание е 100 години по српското, 80 години по грчкото... Кој за Илинден е убиен, кој разбеган наоколу барајќи спас во соработка со бугарските, турските или српските власти и држави. ВМРО, факелот на нацијата, е се уште тука но, и тие се пред опасност власта да ги избрише. Никогаш по Илинден не сме се собрале да продолжиме со борбата за самостојност како другите. Од никого не сме имале поддршка затоа што никој не инвестира и не верува во колебливи, превртливи, непостојани, во клеветници и во кавгаџии што продаваат вера за вечера.

 

Сме битисувале на овие простори лесни за манипулација, неспремни за следење големи идеи и големи луѓе што би не предводеле. Кој и да се воздигнал бил потоа напаѓан, омаловажуван, клеветен и – на крај, предаден на окупаторите на Македонија. Најубаво живееле предавниците со статус обезбеден од окупаторот, а другите страдале. Некогаш тоа бил Коте од Руља, потоа Мане Мачков па се до денес. И предавниците и предадените на крај завршувале во ендек или сиромаштија.

 

Нашите херои на ова време, како Игор Дурловски кој гордо ја пееше химната по што доживеа прогон но, одби амнестија и се испрси пред судот ризикувајќи 15 години робија, брзо ги заборавивме.

 

Сето ова денес е последица на претходното. Ако еден век и кусур некој народ доброволно прифаќал наметната власт без борба, со кодошење и предавство на своите лидери и паметни дејци не е чудо зошто денес го имаме Заев, тиранската платформа, преспанксиот договор, двојазичност и сме на чекор пред федерализација. Големите не гледале, анализирале и процениле дека другите имаат што да понудат за сојуз со нив, а ние сме тука за поткусурување. Нема лутење, ние сами сме го понудиле тоа, и сме го добиле заслуженото. И тогаш, и сега. Малцинството Македонци се соучесници во злосторството, другите кои се мнозинство одбрале молчење.

 

Зарем не е шокатно дека во историјата 200 години наназад не постои народ кој сам, доброволно, се откажал од својата нација, од своето национално име, од својата матична држава препуштајќи ја на друг низ двојазичност и федерализација. Пропаѓале и царства, но ниту едно не гласало за самораспуштање и себе укинување. Која Америка, Русија, Германија, Франција... сака таков лабилен партнер што ужива да биде потчинет некому. Неспремен да се бори барем за себе, и да се избори.

 

Не е грешката што постои Зоран Заев и профитерите околу него кои за добар тендер и здрав профит би прифатиле се. Грешката е што ние сме ги бирале за власт, и поддржале во тоа што го прават. Не купија со ветувања, не продадоа за тендери. Патем, правеа се што никаде во денешна Европа не се прави. Гонеа луѓе за телефонски разговори, узурпираа собрание за избор на претседател без кворум, хранеа омраза кон сите надвор од својот чопор, обвинуваа секој што ќе викне Македонија, ни судеа од улица... И тука невини меѓу нивните следбеници – нема.

 

Се потоа: хајките, апсењата, навредите, прогонот кој го прават тие врз секој што го сметаат како пречка на нивниот пат до парите и пофалбите од странство е само последица. Гонат и газат луѓе според сите правила на дикататорите: обележи го, отвори му афери, организрај му јавен прогон, креирај омраза кон него, изолирај го и уништи го. Сум го поминал тој пат, и сум го преживеал со сочуван мир во себе. Но, ни јас ни другите не забораваме.

 

Во земјата на омразата најмногу е омразен оној кој не знае да мрази.

 

Ние сме тука за да се караме меѓу себе, да им служиме на нивните планови и молчиме за нивните тендери, богатства стекнати на функции со кои се фалат пред нашите носови. Така молчеа нашите прадедовци, па нашите дедовци... и еве каде сме. Сега молчиме и се караме меѓу себе наместо да се ујдисаме против нив. И со тоа ја продаваме слободата, стабилноста и мирниот живот на нашите деца. И родени и се уште неродени. Бегалците ги сожалуваат, но не градат сојуз со нив.

 

Злосторството денес има своја историја. И своја цена. Ако не од друг, учете од Албанците. Ако грешам, покажете ми Албанец кој јавно зборува, не дај Боже пишува дека Косово треба да се врати во Србија за со Србија да има европска иднина. Дека во Тетово треба да има барем третина вработени Македонци во јавната администрација... Нема такви. Затоа имаат две држави на Балканот а третата, нашата, ја имаат во владение. Респект за нивното единство.

 

Ова е главното. Ова ја определува судбината, а другото се само знаци покрај патот натаму. Јас сум во доба кога после се работите стануваат јасни, причините се познати а последиците извесни. Многу работи кои лесно ги прифаќаме, а не убиваат како тивка болест, се поважни од тоа што ни се ветува, а никој не го ни исполнува. И, што постигнавме со молчењето пред омразата и предавствата? Дали Евреите ќе беа најголеми страдалници во војната ако имаа своја држава... Тоа ли го сакаме?

 

Имате ли вие одговор на прашањето до мене: Како дозволивме да се најдеме во сето ова. Мојата работа е да ве доведам до вратата, до излезот, за понатаму секој треба да го направи својот чекор.

 

(08.07.2019)

35

Најчитани вести