Ми се чини ќе се согласите дека го достигнавме степенот на ерозија на сите нивоа на општественото битисување. Без да звучи претенциозно, ценам дека е навистина дојден крајот на еден процес во кој стана мошне јасно кој каква игра играл, кои биле скриените намери на „шарената комуна“ и колкав е капацитетот на нелегитимните узрупатори во извршната власт за проектирање на подобра иднина во Република Македонија.

Се она што порано ни се чинеше како долно, срамно и крајно дегутантно, споредено со она што го живееме денес, е само мала предигра пред покрупните случувања. Целиот пакет проект, за промена на уставното име и трансформацијата на политичкиот систем, под предзнакот „Европска Македонија“, не беше ништо друго, освен дијаболичен план за бришење на македонскиот национален идентитет. Исто така, евидентно е дека кога имате инсталирање на власт која нема природен развој, ниту пак визија за проектирање на добри решенија за граѓаните, таквата неприродна владејачка гарнитура, освен сервилност кон спонзорите, единственото средство кое може да го употреби и кое и стои на располагање е бесрамниот прогон кон неистомислениците и бескрупулозниот грабеж.

Во состојба на самоволие и неспособни да увидат дека капацитетот е тенок, слаб, невидлив, најадекватниот метод кој Деспотот и неговите соработници го земаат во предвид е што повеќе да ограбат, што од друга страна, говори за психолошката состојба во која се наоѓаат, бидејќи без оглед на манипулациите кои не се либат да ги применат, длабоко во себе се свесни за квислиншката улога која ја играат.

Овие празни души, некогаш имале каков, таков етички компас, денес, тој е нем и тоа веројатно уште повеќе ги фрустрира и анимално ги насочува кон неуспешните обиди да сторат нешто, било што, кое ќе ги придвижи повторно да почуствуваат некаков траг на радост и среќа. Со оваа надеж, навлегоа во сериозни и тешки криминални дела, кои се косат со сите флоскули кои ги пропагираа кога се бореа да стасаат на врвот.

Класичен пример за погоре изнесеното е секако обелоденетиот скандал кој упатува на сериозни индиции за злоупотреба на службената положба на генералниот секретар на Владата, Рашковски. Овој случај е најавтентичен пример кој удира траен печат на оваа ненародна власт, но во исто време е и црвен аларм за целокупното слободоумно и трауматизирано граѓанство дека оваа кулминација мора да добие своја правна разрешница која не само што произведува неотповиклива оставка на Рашковски, туку и поведува неопходност од проверка на сите трансакции кои се случиле изминативе две години, кои исто така продлабочено водат кон распуштање на Владата и итно распишување на предвремени парламентарни избори.

Блескавиот отсјај на владините политики, со кои премиерот Заев толку нескромно се промовира низ медиумите, со овие темни призраци и со ваквиот недоговорен и крајно недоличен начин на функционирање, почнува да заличува на рѓосан и кородиран систем кој се распаѓа од внатре и кој својата непријатна миризба ја шири насекаде околу себе, создавајќи непријатен вкус, кој сликовито кажано кај секој од нас предизвикува мачнина истоветна со онаа на блуеница предизвикана од акутно труење на организмот.

Ова е тешко време за Македонија и за нејзините граѓани, време, во кое сите ние сме сведоци „за сјајот и бедата на власта“ која не умееше да смогне сила и да направи разлика од се претходно и која ќе остане запомнета и запишана на пожолтените маргини од црната историја.

Иванка Василевска, Универзитетски професор (3 јули 2019) 

7,112

Најчитани вести