Две години трае владеењето на Заев со Македонија. Во текот на целиот период, македонските граѓани се соочија со највисокиот степен на корупција, невладеење на правниот систем и сиромаштијата за сметка на дрскиот однос на власта која одлучи да го игнорира присуството на даночните обврзници и да им го одземе сувереното право да одлучуваат за својата татковина.

Повеќе од три години претходно, узрупаторот Заев, заедно со својата екипа ги влечкаа по тараби своите поддржувачи, уверувајќи ги дека се бори против режимот на Груевски и дека тој и неговата опција се спремни да покажат на дело како треба да се ослободат институциите и воопшто македонските граѓани од ова зло кое ја уназадува перспективата на Република Македонија?!

– И, да, почитувани, во својот наратив, тогаш аболицираниот градоначалник на Струмица, Зоран Заев, ветуваше дека тој ќе донесе просперитет и развој за Македонија, а дека уставното име нема да биде чепнато, туку дека истото ќе биде заштитено и нема да се дискутира на таа тема. Дотолку повеќе, како се разгоруваше општеството и како се урнисуваше политичкиот дијалог, така апелите на десницата, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, беа третирани како хистерија на „небањатите“, додека секој патриотски крик беше гасен со однапред подготвена пропагандна артилерија, која ги декласираше сите и секој кој ќе загребеше под површината на Шарената револуција.

Во поглед на ветувањата и нивната реализација, неопходно е да се потсетиме и на предизборните ветувања на Зоран Заев и да прелистаме за овие дваесет и четири месеци колку редови од таа обскурна програма се воопшто чепнати или можеби реализирани. За жал, мора да констатираме дека немаат направено ништо, ниту еден мал, скромен чекор и дека ако само оттаму започнеме со анализа, неминовно ќе констатираме дека оваа власт, доколку и понатаму се шкрта со европската ориентација, одамна го има изгубено кредибилитетот и треба да си оди. Но, сите знаеме, дека тука, во Македонија, ѓаволот одамна ја однесе шегата и дека целата оваа парада не завршува само на погоре изнесеното, туку има уште многу сериозно проблематични аргументи кои говорат за оваа ужасна и траорна ситуација во која живееме.

Никој досега, тоа верувам сите ќе се согласиме, не се дрзнал толку да не понижи и да не прегази, како што тоа го стори оваа ненародна власт. Од нелегитимното инсталирање на Џафери за спикер на македонскиот Парламент, преку против уставното доделување на мандатот за состав на Влада од тогашниот претседател на Република Македонија, Иванов, па се до потпишувањето на договорите со Бугарија и Грција и проблематичното и крајно сомнително екипирање на парламентарното мнозинство за изгласувањето на уставните измени, секој политички потег кој е направен од власта е против законски, без одобрение на македонските граѓани и комплетно криминален. Дека во сите овие дејанија лежат сериозни кривични дела, вклучително и највисокото т.е. велепредавството на својата држава, многу малку им значи на протагонистите на овие дејствија во услови кога целокупниот институционален и државен систем западна во тотална апатија и безидејност.

Денес, сме сведоци на највисокиот политички неморал, досега незамислен, барем во развиените демократии.

Високиот степен на задолженост на Македонија, вклучително со новиот заем, ќе бидат контролирани и управувани директно од рацете на претседателот на Владата, Зоран Заев. Овој потег, спореден со оној кога застана зад раководењето со реформите во правосудството, говори за психолошката димензија во која хабитира власта во Македонија, понатаму за сериозните индикации за лукративно-корумпирани трансакции кои не се новост за кланот Заеви, исто како и за кадровскиот капацитет на власта, која според досега покажаното, нема интелектуален или пак било каков посериозен агрегат кој би овозможил да се случат тековните обврски на институциите на системот да функционираат барем во состојба на лер.

Другиот сериозен индикатор е несериозноста во кадровската распределба со коалиционите партнери. Неодговорниот однос на владините министри кои не доаѓаат со месеци на работа е надополнет и унапреден во својата неефикасност и со предлогот професор на медицина да биде најдоброто од најдобрите кои треба да го водат секторот култура.

Ова е пострашно и од времето кога македонската држава на своите почетоци, по Втората светска војна, ја раководеа машинобравари, готвачки и неписмени партијци. Во една историска ремонстранца, последниот пример би можел да се оправда на илјада начини, додека она што ни го нуди Зоран Заев денес, е без никаква можност да биде ниту разбрано, ниту оправдано. Единствената констатација која може секое здраворазумско битие да ја даде е дека оваа власт не умее да работи, овие луѓе немаат ни основно предзнаење за улогата која ја играат и дека со наједноставна дефиниција, можам слободно да заклучам дека во Македонија власта владее на бесрамен начин!

Иванка Василевска, Универзитетски професор (25 јуни 2019) 

5,674

Најчитани вести