Албанскиот претседател, Илир Мета ја осуди одлуката на албанската изборна комисија за одржување на локалните избори на 30 јуни, повикувајќи ја владејачката коалиција, на чело со Социјалистичката партија на Еди Рама да седнат зад предговарачката маса и да не спроведуваат, како што рече, имагинарен процес на гласање, пренесе „АП“.

Претседателот Мета изјави дека преговорите за членство на Албанија во Европската Унија нема да бидат отворени ако во земјата во недела се одржат локални избори без опозицијата која бојкотира.

Изборниот колегиум составен од пет судии вчера донесе одлука локалните избори да бидат одржани во земјата според првичниот план на 30 јуни, одбивајќи да ја прифати уредбата на претседателот за одложување на изборите поради актуелната политичка криза.

Мета одложувањето на изборите го образложи со стравување дека гласањето би било недемократско без учество на опозициските партии и нагласи дека во таков случај постои можност за граѓански немири.

Албанскиот премиер, Еди Рама, инсистира изборите да бидат одржани на 30 јуни, а одлуката на претседателот Мета за одложувањето на изборите ја оцени како антиуставна.

На вчерашниот состанок, албанската обединета опозиција на чело со Демократската партија на Љуљзим Баша го потврди ставот за бојкот на изборите, порачувајќи дека на 30 јуни нема да бидат одржани локалните избори.

Тие наведоа дека против владејачката хунта, оправдан е секој вид на отпор.

извор: Makfax

3

Најчитани вести